Порака на Мајсторот ТЕРИОН


(Ова Послание прв пат се појавува во Equinox Vol.III,No.1, 1919 е.в.)

LIBER II

ПОРАКА НА МАЈСТОРОТ ТЕРИОН

Seal of A.'.A.'.

“Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон” “Нема закон над Прави што ти е волја”

“Зборот на Законот е Θελημα” – Телема – значи Волја.

Клучот на оваа порака е овој збор – Волја. Првото очигледно значење на овој Закон е потврдено со антитезата: “Зборот на гревот е ограничување”. И повторно: “Ти немаш право освен да ја вршиш својата волја. Прави го тоа и никој нема да ти рече не. За чиста волја, неослабена од цел, ослободена од страсти за резултат, секој пат е совршен”.

Проучи го ова внимателно; изгледа оти ова подразбира теорија дека ако секој маж и секоја жена ја извршуваат својата волја – вистинска волја – нема да има судири. “Секој маж и секоја жена е ѕвезда”, а секоја ѕвезда се движи по утврдена орбита без мешање. Има доволно место за сите; единствено нередот создава конфузија. Од овие разгледувања треба да биде јасно дека “Прави што ти е волја” не значи “Прави што сакаш”. Тоа е апотеоза на Слободата; но тоа е исто така и најстрого можно ограничување.

Прави што ти е волја – и не прави ништо друго. Ништо нека не те одврати од таа строга и света задача. Имаш апсолутна слобода да делуваш според својата волја; но ако се обидеш да правиш било што друго, веднаш се јавуваат тешкотии. Секој чин кој не е на одреден курс на таа единствена орбита е грешка и препрека. Волјата не смее да биде подвоена, туку единствена.

Обрати внимание уште и на тоа дека оваа волја не само што треба да биде чиста т.е единствена како што е објаснето горе, туку и “неослабена од цел”. Мораме да се задржиме на оваа необична фраза. Таа може да значи дека волјата ја гуши која било цел; очигледно е дека волјата мора да биде ослободена од “страста за резултат”.

Но таа фраза може да се интерпретира и како “со неослабена цел”- т.е со неисцрпна енергија. Значи се работи за концепцијата на вечното движење, бескрајно и непроменливо. Тоа е Нирвана, само што е динамична, а не статична – што на крајот се сведува на истото.

Очигледна практична задача на Магичарот е да открие што всушност е неговата вистинска волја, за да може на тој начин да ја извршува, а тоа тој најдобро може да го изведе по пат на пракса на Liber Thisharb (Equinox I,7) или слични пракси кои одвреме навреме ќе му бидат одредени.

Сега секој би требало совршено едноставно да ја сфати Пораката на Мајсторот Терион. Ти мораш

  1. да откриеш што е твоја Волја.
  2. Да ја извршуваш таа Волја со : a)едно-насочност; b) непристрасност ; c) мир.

Тогаш и само тогаш, ти си во хармонија со движењето на Работите, а твојата волја е дел од Божјата, и спрема тоа еднаква на неа. И бидејќи волјата е само динамички аспект на нашето битие, и бидејќи две различни битија не можат да имаат идентични волји тогаш ако твојата волја е Божја волја, значи Ти си тоа.

Постои само уште еден збор кој треба да се објасни. На едно друго место е запишано – на наше големо задоволство- “Љубовта е закон, љубовта под волја”. Тоа треба да се сфати во ова значење: додека Волјата е Закон, природата на таа Волја е Љубов. Но таа љубов всушност е нуспродукт на Волјата; таа не е во контрадикција со Волјата, ниту ја истиснува; и ако се појави привидна контрадикција во некоја криза , Волјата е таа која ќе не поведе по правиот пат. Погледни, иако во Книгата на Законот се говори многу за Љубовта, таму нема ниту еден збор за Сентименталноста. Омразата е речиси еднаква на Љубовта! Борбата е сосем сигурно Љубов! “Како браќа борете се!” Сите мажествени раси на овој свет го сфаќаат тоа. Љубовта на Liber Legis е секогаш смела, снажна дури и оргијастична. Во незе има нежност, но тоа е нежност на силата. Моќна и застрашувачка и величествена, каква што е веќе, таа е сепак само знаме на светото копје на Волјата, изгравиран запис на мечевите од Витезите – монаси на Телемата.

Љубовта е закон, љубов под волја.

Advertisements