Што е Јога?


Јогата е вештина која потекнува од древна Индија и која се проучува и применува повеќе илјади години. Зборот Јога доаѓа од санскритскиот збор योग кој означува унија, рамнотежа и хармонија. Во таа смисла, целта кон која се стремиме вежбајќи јога е да постигнеме хармонија односно рамнотежа помеѓу телото, умот и душата.

Јогата е неопходна алатка во работата на секој магичар со оглед на многубројните бенефиции кои произлегуваат од неа, особено во поглед на прочистување на телото умот и душата, кревање на свеста и хармонизирање на енергиите кои постојат во нас и околу нас, овозможувајќи ни на тој начин побрз и правилен развој на нашиот пат. Тоа е несомнено од особена важност при спроведување на нашата максима: Прави што ти е волја, особено од аспект на тоа што практикувајќи јога, ние се спознаваме себе си и својата волја, а без познавање на себе си и својата вистинска волја, нашето битисување ќе се сведе на подлегнување на желбите и грубото врзување за материјалниот свет, наместо на стремежот кон издигнување на себе си кон големите височини на нашето постоење.

Но, да се навратиме на Јогата и нејзината смисла и цел!

Имено, во светот се познати повеќе видови јога и тоа: хата јога, џнана јога, карма јога, бхакти јога и други. А ние во овој и во текстовите кои ќе следат, ќе се осврнеме повеќе на Хата јогата, нејзината филозофија како и придобивките кои произлегуваат од нејзиното секојдневно практикување.

Хата јогата е несомнено најпознатата и најпрактикуваната јога во светот. Всушност, многумина кога ќе го слушнат зборот јога, веднаш го поврзуваат со хата јогата која е составена од физички вежби кои се работат на одреден начин. Но истовремено голем број луѓе воопшто не се запознаени со поимот Јога и во нив истиот буди одреден страв, недоверба, чувство на загадочност но, кога би се запознале со неа би сфатиле дека сите ние на некој начин, не знаејќи, на часовите по физичко всушност сме вежбале некои јогиски вежби, без да бидеме ни малку свесни за тоа (свеќа, стој на раце и сл.).

Да започнеме со ред!

Пред сé, да се запознаеме поблиску со називот и суштината на Хата Јога!

Коренот на називот Хата Јога всушност се однесува на позитивните и негативните струења  и на нивно доведување во хармонија, па така самиот назив претставува синтеза од зборовите ХА-ТХА од кои ХА го означува позитивното струење – Сонцето, а ТХА – негативното струење – Месечината. Во таа смисла, Хата Јогата претставува единство, унија, урамнотежување и спознавање на позитивната и негативната енергија на тој начин доведувајќи го во апсолутен мир телото, умот и душата на човекот или САМАДХИ (космичка реализација).

Овој источен систем има непроценливо значење за човештвото, со оглед на тоа што со него свесно се усовршува телото, се урамнотежува секое телесно пореметување и истовремено се полни телото со животна енергија. Така, човекот кој правилно и подеднакво ја манифестира творечката енергија на секое ниво на постоење: од внатре негативното струење – енергија, изразено преку интуицијта, вербата во себе и сопственото јас, а однадвор – позитивната енергија преку творењето, давањето, произведувањето, се смета за наполно здрав човек.

Вежбите за Хата Јога се составени од три меѓусебно поврзани дела: насочување на свеста (медитација), регулирање на дишењето (пранајама) и положби на телото (асани). Овие делови на Хата јогата секогаш се работат заедно, со оглед на тоа што не е возможно да зборуваме за насочување на свеста, доколку не практикуваме одреден начин на дишење и доколку не седиме во одредена положба и тн. Во книгите за Хата јога поблиску се определува начинот како овие три дела се спојуваат во една целина со една единствена задача – да му овозможат на ученикот правилен развој!

За медитацијата, сметам дека нема потреба нешто по опширно да зборуваме сега. Сепак, за оние на кои не им е јасно што е медитација и каква е состојбата на медитација, мојот учител велеше дека медитацијата сме ја доживеале сите во одреден момент. Пр. Самото наше пристигнување на некоја планина и уживање во глетката, доживување длабок мир и спокојство, тоа е медитација, знаеше често да каже.

Пранајамата ги претставува  јогиските техники на контролирано дишење кои исто како и асаните имаат благотворно дејство врз човечкиот организам и неговата психа. Нејзиниот назив е произлезен од зборовите : ПРАНА , кој означува животна, витална енергија и ЈАМА кој означува контрола, регулирање. Така, постојат бројни техники на пранајама кои со помош на дишењето во одреден ритам го подобруваат нашето психофизичко здравје и го стимулираат неговото стабилизирање.

Асаните  се положби на телото кои имаат длабоко значење за развој на личноста на човекот и имаат двократно дејство: физичко и психичко, па така, покрај тоа што предизвикуваат санирање на постојните проблеми во нашето тело, влијаат и на различни делови од нашата психа, зависно од асаната која ја применуваме во моментот. Придобивките од редовно практикување на асаните се многубројни: – Го хармонизираат системот на жлезди со внатрешно лачење, го прават телото поеластично и полесно прилагодливо на надворешните промени,симпатичкиот и парасимпатичкиот систем се доведуваат до состојба на рамнотежа која се одразува и на органите кои овие системи ги регулираат (бели дробови, срце, бубрези, желудник, црева и др.), го регулираат крвниот притисок и шеќерот во крвта, го исправаат искривениот `рбет, позитивно влијаат на видот и на дишните патишта.

Асаните истовремено го стимулираат и умот и умствените способности, го прават умот посилен, со нивна помош ја зголемуваме моќта за концентрација, се зголемува нашата одлучност и се исполнуваме со полетност, со живост. Накратко кажано, асаните го одржуваат здравото човечко тело но и ги регулираат болестите настанати токму поради живеењето во нерамнотежа со себе си и со светот кој не опкружува.

Продолжува…

Soror. V

Advertisements