Тарот, Телема, Философија

Што е Тарот


Таротот е шпил од мистериозни карти, поврзан со обичните карти за играње и се смета дека тој е нивен предок. Шпилот Tарот карти се состои од 78 карти, 22 Големи Аркани и 56 Мали Аркани кои се поделени во четири бои или сетови.

Многу теории и легенди се поврзани за Таротот затоа што нивниот длабок симболизам денес го привлекува вниманието на мудри луѓе. К.Г. Јунг за Tарот картите има напишано дека ги опфаќаат  „архетипските симболи на преобразбата“, односно дека истите претставуаат совршен инструмент за саморазвој. Некои автори тврдат дека Tаротот содржи  „возвишени тајни кои се наследени од древните времиња и го содржат окултното сфаќање на човекот“.

Според познатиот современ окултист, Кенет Грант, „Таротот е колекција на магиски формули во сликовит облик, која ги содржи тајните на времето и пророштвото на вечноста“.

Потеклото на Tаротот е исто така непознато. Некои автори тврдат дека настанал во Кина, Индија или Персија, дека на запад е донесен од страна на Циганите или Крстоносците во времето кога се враќале од Светата Земја, или пак од страна на Арапските освојувачи на Сицилија и Шпанија. Други пак, го застапуваат гледиштето дека Tаротот е измислен токму во западниот свет.

Голем број познавачи на Tаротот тврдат дека Tаротот ја чува мудроста на древниот Египет, мистичните религии на Митра, паганските традиции, верувањата на средовековните еретици или учењата на легендарните кабалисти. Аналитичките психолози упатуваат на тоа дека сликите во Tаротот изразуваат архетипови на колективното несвесно додека пак други во него го наоѓаат симболизмот на Дантеовата Божествена Комедија.

Името Тарот може да се изведе од египетскиот, хебрејскиот и латинскиот јазик или пак може да се поврзе со персиската и сириската божица на плодноста по име Astarot. Исто така името може да се доведе во корелација со Стариот Завет и ритуалите на древното доба.

Спрема истражувањата на МекГрегор Матерс, можат да се направат неколку анаграми: TORA (закон), TROA (капија), ROTA (тркало), ORAT (да зборува, говори), ТAUR (египетска божица на темнината), HATOR (египетска божица на плодноста, љубовта, мајчинството) итн.

Ату XIV - Уметност
Ату XIV – Уметност

Денес постојат многубројни шпилови Тарот кои се насликани на различни начини и често се поврзани со митологијата, легендите, магијата и народните верувања.

Вистинското потекло на Таротот можеби е непознато но се претпоставува дека на медитеранското подрачје се појавил најкасно при крајот на четиринаесетиот век. Општо е признаено дека картите биле класификација или мапа на универзумот. Материјалниот универзум во првата инстанца одсекогаш бил поделен на четири делови, а бројот четири е основата на шпилот. Постојат четири “бои“ кои одговараат на четири елементи, четири четвртини, четири Сончеви станици, четири годишни времиња, итн. Бројот 22, што во исто време го претставува  бројот на Големите Аркани е изведен токму од бројот четири по пат на различни методи.

Кабалистичките атрибуции на Тарот картите се меѓу најчуваните тајни на деветнаесетиот и раниот дваесети век. Додека континенталните автори како Елифас Леви, Папус или Максвел ги проучувале атрибуциите на Таротот и неговите врски со кабалата, намерно вметнувале “превези или велови“ за да ги збунат неиницираните корисници на Таротот. Меѓутоа, животната цел на Кроули била да ги направи клучевите на патеките и убавите симболизирања на Таротот достапни за сите. Неговата проценка била дека магиските и мистичните тајни се спознаваат само со директно искуство а директно искуство се постигнува само со индивидуални достигнувања. Тајните адекватно можат и сами да се сочуваат иако се јавно објавени.

Оди на наредна страница

Advertisements