Јога – За дишењето


Во целокупната филозофија на јогата, на дишењето или поточно на начинот на дишење секогаш му се дава централно значење. Тоа не е случајно! Она што повеќето од нас го земаат здраво за готово, јогата темелно го проучува и дава одговори зошто треба да се развие сериозен пристап кон ова прашање. Што е тоа кое го става дишењето на пиедестал на ова учење и го поставува како основа, како своја појдовна точка?

Сите живи суштества, се смета дека почнале да живеат, т.е се родиле во моментот кога го зеле првиот здив и за нив се вели дека животот ги напуштил со последното издишување. Дишењето е биолошки процес без кој ниедно живо суштество не би можело да опстане повеќе од 2-3 минути. Додека без храна луѓето можат да преживеат дури и неколку седмици, а без вода не повеќе од десетина дена, сепак познато е дека без воздух, никој не може да живее повеќе од тие 2-3 минути.

Јогата ги има утврдено законитостите при кои еден човек може да оствари излекување на секое ниво со помош на дишењето. Можеби многу малку е познато меѓу нас, а можеби уште повеќе гледаме на дишењето како на чисто механички процес кој се одвива во нас независно од нашето темпо или начин на живеење, но сепак, неверојатно е чувството кога човек ќе спознае што се добива или губи со правилно односно неправилно дишење! Строго сум уверена дека за жал, се уште е голем бројот на оние, кои никогаш и не спознале дека всушност од начинот на кој дишеме, зависи и квалитетот на нашиот живот, па и самиот живот воопшто.

Поискусните јогини во таа насока, можат без поголеми потешкотии и веднаш да откријат што “го мачи” човекот, само и само врз основа на неговиот начин на дишење!

Нормално, ќе се согласите со мене кога ќе кажам дека секој орган треба да и служи на целта на која и е наменет! Сепак, што се однесува до дишењето, многумина не го знаат основното правило за правилно дишење, кое гласи: Секогаш дишете низ нос!

Влезот на воздухот во дишните органи е преку нос и никако поинаку. Носот не само што нé штити од бацили во воздухот, туку и ја има најважната функција, а тоа е впивање на прана од воздухот, што е невозможно да се изведе доколку се дише преку уста. Дишењето низ нос ни е најдобра заштита против инфективните заболувања. Истовремено, таквото дишење нé снабдува со големо количество на енергија, го смирува умот и го поправа расположението. И физичкото дејство не изостанува од правилното дишење! Крвниот притисок се намалува, телото се релаксира и се ослободува од стресот. Сигурно сте забележале дека во моменти на раздразнетост, дишењето ни е брзо и кратко (на плуќа). Обидете се, во тие мигови да го исконтролирате дишењето и да започнете со бавно и длабоко дишење и за многу кратко време ќе забележите како напнатоста исчезнува па дури и како мислите си добиле некој друг тек!

Потполно јогиско дишење

Потполното јогиско дишење претставува основа на сите вежби за дишење и е составено од три дела:

  • Абдоменално дишење: Се изведува во стоечка, седечка или лежечка положба, при што се вдишува исклучиво преку стомакот, додека дијафрагмата и градите остануваат непоместени. При издишувањето, го вовлекуваме стомакот колку е можно повеќе, со цел да се истисне сиот воздух кој сме го вдишале.
    Терапевтско дејство
    : Абдоменалното дишење ја регулира работата на цревата и го снижува високиот крвен притисок. Исто така со помош на ова дишење се врши масажа на абдоменалните органи.
  • Средно дишење: Се изведува во стоечка, седечка или лежечка положба. При вдишувањето ги шириме ребрата на двете страни, а при издишувањето истите ги собираме колку што е можно повеќе, додека стомакот и градите остануваат неподвижни.
    Терапевтско дејство
    : Влијае на намалување на притисокот на срцето.
  • Горно дишење: Изведувањето е исто како и кај претходните, значи може да се изведува во сите три положби на телото, со тоа што овој пат, вдишуваме на тој начин што полека ја креваме клучната коска и рамениците, при што го исполнуваме со воздух горниот, граден дел, те плуќата. При издишување следи обратниот процес.
    Терапевтско дејство
    : потполно ја прочистува плуќата.

За да се совлада потполното јогиско дишење, неопходно е да се вежбаат посебно гореспоменатите, потоа сето тоа се вклопува во едно таласесто, непрекинато движење, почнувајќи со стомакот. Значи, вдишуваме броејќи осум ритмички единици и истовремено ширејќи го стомакот, па ребрата и на крајот клучната коска. Кога издишуваме, почнуваме повторно со издишување на воздухот во стомакот, па ребрата и на крајот пределот на клучната коска. Во меѓувреме, можеме да го задржиме воздухот онолку секунди колку што би ни било пријатно.

Благотворното дејство на потполното јогиско дишење е од непроценлива вредност. Сепак, некои од дејствата кои ги предизвикува овој начин на дишење се: доживување на длабок мир, зголемено снабдување на крвотокот со кислород и прана, смирување на целокупниот нервен систем,чувство на рамнотежа и сигурност.

Напомена: Потполното јогиско дишење е начин на дишење кој би требало сите да го усвоиме како постојан начин на дишење, а не само да го практикуваме како вежба во одредено време или одреден час. Само на тој начин, ќе бидеме во можност да внесеме промени во нашиот живот, промени кои се темелат на придобивките на јогата!

Sor. V.

Advertisements