Кабала, Магика, Телема

Атлантида – Алистер Кроули


Извадок од воведот на „Атлантида” од Алистер Кроули, достапна на македонски јазик

„Атлантида“ е алегорија напишана онака како што само Алистер Кроули може да ја напише. За читателот, кој е неупатен во Гнозата, таа е необична, прекрасна и полна со хумор. Но малкумината, кои знаат како да направат врил, ќе и се восхитуваат на ингениозноста со која е разоткриена нивната скапоцена тајна, а сепак е прикриена. 

Иницијантот со тага ќе се присети како Вилхелм, кој бидејќи беше само учен човек, го расипа неговиот превод на Ји Џинг со својот личен коментар; како Јунг ја промаши поентата со неговата психолошка интерпретација на тајната на Алхемијата; како преведувачите на Библијата беа неуки за тајното учење што е скриено во Стариот и Новиот Завет, и покрај сето нивно Грчко и Хебрејско знаење.


Врил, Бисерот со Голема Цена, Универзалниот Лек, Еликсирот на Животот, Каменот на Мудреците не е само измислица на имагинацијата, обичен киселински концепт, ами жива супстанца, што може да биде направена и измешана исто толку лесно како векна леб. Тажно е што денес има многу малку луѓе со кои можеме да ја споделиме оваа тајна. Уште потажно е што Мистеријата на Гнозата треба толку добро да биде чувана (бидејќи човештвото е такво какво што е) за да не би можеле, оние кои се сметаат себеси за ‘пастири на стадото’ и нивните водечки следбеници, повеќе да имаат никаква претстава за вистинската работа, Прима Материјата за која сме заинтересирани.

Да цитирам од Канон за која Мајсторот кажа дека е “Најдобриот учебник за Применета Кабала”:

“Несреќниот факт, за кој треба сега да жалиме е што свештениците, кои би требало да се способни да ни го кажат значењето на Светите Списи, што се зафатиле да ги изложуваат, не знаат ама баш ништо за нивното вистинско значење. Веројатно е дека не постои ниеден христијански свештеник, кој знае што е Канонот на Црквата, или зошто одредена служба или книжевен распоред е канонски и што го прави таков. Тој ќе негира дека Стариот Завет и Евангелијата се алегорични книги, но не ќе може да понуди објаснување за апсурдностите што се појавуваат во овие книги, доколку се сфатат буквално.
Всушност, модерниот свештеник, кому природно му се обраќаме за упатување во мистериите на Црквата, е најпоследната личност од која би можеле да добиеме некаква информација. Затоа да го оставиме овој човек, кој изгледа дека не е свесен оти неговата служба беше создадена за да може да ја прими канонската традиција од устата на предодредениот учител и со нејзината светлина да го приопшти духот на словото на законот.”

Сепак, за оние кои започнале да го согледуваат незнаењето на нивните сегашни лидери и кои напипкуваат во нејасната сала на илузии во потрага по зрак на светлина, следново доколку го студираат, ќе им врачи клуч за отклучување на вратата од маѓепсната комора на радоста, убавината и моќта, кои се скриени, а сепак откриени во оваа мала книга.

Алистер Кроули во Малите Есеи за Вистинатанапиша:

“Кабалата, односно Еврејската Традиција што се однесува на иницијантската интерпретација на нивните Свети Списи, во најголем дел е неодгатлива или бесмислена. Но, таа во себе како темелна основа го содржи најскапоцениот бисер на човечката мисла,геометрискиот распоред составен од имиња и бројки кој се нарекува Дрво на Животот. Го нарекувам најскапоцен,бидејќи го сметам за најпогоден метод, кој е досега откриен за класифицирање на феномените од Универзумот и забележување на нивните односи. Доказ за ова е зачудувачката плодност на мислата која следуваше откако ја усвоив оваа шема.”

Кабалистичкиот дијаграм на Дрвото на Животот е основа на овој систем. Кога е нацртано според вистинскиот канон на пропорции тоа открива три и пол свиткувања од змијата Кундалини на хинду тантриците – зашто кога е правилно исцртано три и пол заемно пресечени кругови се скриени околу централниот столб.

Дрвото на Животот е еден систем, едноставен во сложеноста и сложен во едноставноста, кој истовремено е доволно флексибилен за да ги опфати сите други дијаграми и системи во хармонија. Запаметете дека суштинската врска меѓу една спица и сите други од Тркалото на Животот не може да се најде сe додека се вртите околу ободот. Само преку доаѓањето до центарот на ништожеството, празното и тајно место во срцето, осовината на тркалото, облакот на непознатото, ќе го откриете суштинското единство на Сe и Ништо. Како што објасни најголемиот кабалист на модерново време во истиот есеј:

“Вештината при неговото користење се состои главно во упатувањето на сите наши идеи на него, при што се открива заедничката природа на одредени нешта и суштинските разлики меѓу други, па така конечно се добива едноставен преглед на големата непроценлива сложеност на Универзумот. Целосниот предмет мора да се проучува во Книгата 777 и да се запаметат главните атрибуции: потоа кога преку постојана употреба системот конечно ќе биде разбран – спротивно на едноставното запаметување – студентот ќе открие нова светлина што го осветлува секојпат кога ќе продолжи да проценува некој дел од новото знаење, кое го стекнал според овој Стандард. Тогаш за него Универзумот ќе започне да се пројавува како кохерентна и неопходна Целина.”

Ниеден предмет не страдаше толку колку што страдаа метафизиката и мистицизмот од публикување на бескорисно ѓубре. За помош на сериозниот аспирант придодадена е листа на книги на крајот од оваа книга, чие проучување е вредно. Повеќето од нив се од авторот на Атлантида и нивното проучување ќе покаже колку за него беа неинформирани првите двајца биографи на најголемиот модерен Мајстор, починатиот Алистер Кроули, кој постојано беше погрешно сфаќан и оцрнуван од неговите современици.

Advertisements