Пехарот на Екстазата


Што е Гралот?

„Не би смеел да ти кажам: Но ако на служба се заветуваш, Знаењето за тоа нема да ти биде скриено – Гледај! Ми се чини оти навистина сега те знам; Ниеден земски пат не води до него. Никој не може да го открие ако не е од него избран.“ Извадок од Операта “Парсифал” од Рихард Вагнер

( ова што следи е мал извадок од симболичното објаснување на операта “Парсифал”)

Илузорната природа на Времето и Просторот, кои се само работни режими од нашиот ограничен ум, беше прилично разјаснета од Сидни Клајн во неговата извонредна книга “Науката и Бесконечното“, но тоа не е нова идеја.

Достигнувањето на Екстазата им покажа на Иницијантите од секоја земја дека постои состојба на свесност каде и времето и просторот се раствораат – барем моментално – и во истиот миг ограничувањата на „личното его“ повеќе не нѐ измачуваат. Во таа Света Книга позната како Liber LXV, Поглавје II, стихови 17‐25, читаме:

17. Исто така, Пресветиот се спушти на мене и здогледав бел лебед, којшто плови по синилото.
18.Седнав на неговите крилја и еоните протекуваа.
19. И така лебедот леташе, се спушташе и се извишуваше, па сепак не стигнавме никаде.
20. Малото лудо момче што јаваше со мене, му проговори на лебедот и рече:
21. Кој си ти што пловиш и леташ, што се спушташ и извишуваш напразно? Погледај, сите еони поминаа; од каде дојде? Каде ќе одиш?
22. И смеејќи се го прекорив, велејќи: Од никаде! Никаде!
23. Бидејќи лебедот молчеше, тој одговори: Тогаш, ако нема цел, зошто е ова вечно патување?
24. А јас ја потпрев главата на Главата на Лебедот и се насмеав велејќи: Зар нема неизговорлива радост во овој бесцелен лет? Зар не е загрижен и нестрплив оној што сака да постигне некоја цел?
25. А лебедот и понатаму молчеше. Ах! а ние пловевме во бесконечната Бездна. Радост! Радост! Бел лебеду, носи ме секогаш горе на твоите крилја!

Меѓутоа, Парзивал треба многу работи да заврши за да се одмори така: тој треба да заврши мисија на земјата, која дотогаш не му е позната.

Преку употребата на овие примери, може да почнеме да сфаќаме што доаѓа следно. Ново „поместување без движење“ од страна на Парсифал и Гурнеманц сега е симболизирано преку промена на Драмската Сцена, најпрвин речиси незабележливо од Лево кон Десно. Шумата во која се одвива Првата Сцена, исчезнува; се отвора врата во каменестиот гребен и ги сокрива двајцата; нив повторно ги гледаме низ стрмните премини кои се извишуваат. На крајот стигнуваат во моќна сала, која се губи нагоре во високозасводената купола од која доаѓа светлоста. Од висините на куполата доаѓа наголемувачки ѕвонлив звук.

Повторно наоѓаме директна кореспонденција во Источните Учења онака како што се изложени од Мадам Блаватска во „Гласот на Тишината“. Таа пишува: “Не можеш да чекориш по Патот се дури не станеш самиот Пат“. Понатаму во Либер 333 од Фратер Пердурабо читаме:

О ти, што стапуваш на Патеката, лажен е Призракот што го бараш. Кога ќе го сфатиш тоа, ќе ја спознаеш сета горчина, со забите зариени во Содомско Јаболко. Така беше намамуван по таа Патека, чиј ужас инаку би те истерал далеку.

О ти, што чекориш по средината на Патеката, ниеден призрак не ти се исмева. Зашто чекориш заради самото чекорење. Така си намамуван по таа Патека, чиј занес инаку би те истерал.

О ти, што се влечеш кон Крајот од Патеката, нема повеќе напор. Се побрзо и побрзо паѓаш; твојот умор се промени во Неизговорлив Одмор. Зашто те нема Тебе на таа Патека: ти си станал Патот.

И секој мора да научи да го помине овој Пат, секој мора да ги надмине неговите препреки, да ги демаскира сопствените илузии. Сепак, секогаш постои можност другите да ни помогнат во ова и како во случајот со Парсифал, кого го водеше Гурнеманц, кој порано го изминал овој Пат, така и ние може да бидеме водени по правиот Пат и поучени да ги избегнеме многуте лажни застранувања, кои можат да не искушуваат при нашата потрага по Храмот на Светиот Грал. Всушност, ако нашата припрема била правилна и ако остане нашата аспирација чиста ние неизбежно мора да стигнеме до крајот на Патот; честопати тоа може да се случи за еден миг на окото и кога најмалку очекуваме.

Треба да запаметиме дека секој дел од Драмата е многу симболичен. Студентот може да примени своја интерпретација на оној премин што води до Храмот на Гралот. При доаѓањето таму најдобро е да го послушаме советот што Гурнеманц му го дава на Парсифал, кој во меѓувреме стои маѓепсан од Чудото што го гледа:

Ајде сега да те видам, ако си Будала и чист, каква Мудрост може да ти се даде.

Advertisements