Телема, Философија

Dе arte mentis colendi


Извадок од „Книгата на Лудоста или Мудроста“,
позната и како Liber Aleph svb figura CXI

(1) mathematica

Сега ќе ти кажам нешто во врска со првата Основа на твојот Ум. Грижливо студирај ја Математиката, зашто со тоа ќе ги откриеш Законите на својот Разум и неговите Ограничувања. Оваа Наука ти ја покажува твојата сопствена Природа во однос на Машинеријата со чија помош дејствува и ти ја покажува, со чиста Разголеност без Облеката на Личноста или Желбата, Анатомијата на твојата свесна Личност. Со помош на математиката можеш да ја сфатиш Суштината на односите меѓу сите работи и Природата на Нужноста, за да дојдеш така до Знаењето за Формата. Математиката е последниот Превез пред Сликата на Вистината, така што нема подобар Пат од нашата света Кабала, која ги анализира сите Работи и ги редуцира до чист Број; и така штом нивната Природа не е повеќе разнобојна и збркана, тие можат да бидат регулирани и формулирани со Едноставност преку Операцијата на Чистиот Разум. Тоа ќе ти биде голема Утеха во Работата на нашата трансцедентална вештина, со чија помош Мноштвото станува Едно.

(2) classica

Сине мој, не избегнувај го студирањето на Античката Книжевност и тоа на оригиналниот Јазик. Со тоа ќе ја откриеш Историјата на Структурата на својот Ум т.е неговата Природа сфатена како последно Продолжение во низата на Причини и Последици. Твојот Ум е изграден од овие Елементи и преку проучувањето на овие книги можеш да ги осветлиш и пронајдеш своите несвесни сеќавања. А Сеќавањето ти е, така да се каже, Малтер во Куќата на твојот Ум, без кое не е можна било каква кохезија ниту индивидуалност. Затоа недостатокот на сеќавање се нарекува Деменција. Овие Книги долго живееле и станале познати затоа што се Плодови на древното Дрво, чиј директен Наследник си ти. Тие се навистина повеќе поврзани со твојата Природа отколку Книгите од колатералните гранки, иако тие се подобри и помудри. Сине мој, студирајќи ги овие записи можеш да дојдеш до вистинското Сфаќање за својата природа и целата Вселена, во димензијата на Времето, како што Математиката го прогласува истово во димензијата на Просторот, т.е, во Проширувањето. Студирајќи го ова, Детето ја сфаќа Основата на Обичаите, кои, како што вели еден од Синовите на Мудроста, го прават Човекот.

(3) scientifica

Oвие два Предмети на Студирање се фундаментални, бидејќи Времето и Просторот се состојби на Умот. Преостанува Каузалноста, која е корен на Акциите и Реакциите на Природата. Неа треба, исто така, со силен жар да ја истражуваш за да можеш да ја сфатиш Разноличноста на Универзумот, неговата Убавина и Хармонија, преку Познавањето на она што го раздвижува. Сепак, ова не е еднакво по Сила на првите две за да ти помогне во самоспознанието; а неговата првенствена корист е во тоа што ќе те подучи на вистинскиот Метод за Напредување во Знаењето, којшто, во основа е, набљудување на Сличното и Различното. Тоа ќе предизвика во тебе занес на зачуденост, кој ќе те доведе до правилно Разбирање на Уметноста на Магиката. Зашто нашата Магика е само една од Силите, кои лежат во нас неразвиени и неанализирани; Преку Научниот Метод тие сили мораат да се објаснат и да се направат достапни на човекот. Зар тоа не е непроценлив Дар, Плод од Дрвото не само на Знаењето, туку и на Животот? Во Човекот постои она што е Божествено, а постои и она што е Прашина. Со помош на нашата Магика од овие близнаци ќе направиме едно Тело, како би можеле да завладееме со Универзумот.

Advertisements