Магика, Телема, Философија

ПРИКАЗ НА A∴A∴ – Извадок


Извадок од  „Приказ на A∴A∴ svb figura XXXIII

Публикација во класа C

Ова е извадок, кој што сметам дека е доволно за да се опише и долови суштината на тоа што значи Ред и што значи да се бара пристап да се биде искушеник, или во иднина иницијант во еден ваков сериозен Ред како A∴A∴ .
Ваше е да пресудите што Ви бара Духот.

Да напомениме само дека сепак Законот на Телема доаѓа од A∴A∴, а не од О.Т.О., како што е и напишано:

„Но запамти добро дека Законот доаѓа од A∴A∴, а не од О.Т.О. Овој Ред всушност е првото од религиозни тела кои службено го прифатија овој Закон, и неговиот целокупен Ритуал беше ревидиран и преуреден во склад со таа одлука.“ – Liber CCC ( Khabs am Pekht )

*      *      *

Не смееме, како и да е, да помислиме дека ова друштво личи на кое и да било тајно друштво, кое се среќава во одредено време, избирајќи водач и членови, обединети со посебни цели. Сите друштва, какви и да се, можат само да следат после овој внатрешен просветлен круг. Ова друштво не познава ниедна од формалностите кои припаѓаат на надворешните кругови, делата на човекот. Во ова кралство на моќ сите надворешни облици сопираат.

L.V.X. е Моќта која е секогаш присутна. Најголемиот човек на своето време, самиот поглавар, не секогаш ги знае сите членови, туку во моментот кога е неопходно да постигне која и да било цел со сигурност ги наоѓа при рака во светот.

Оваа заедница нема надворешни граници. Оној што може да биде избран е првиот; тој се претставува себеси на останатите без дрскост, и е примен од останатите без завист.

Ако е неопходно вистинските членови да се сретнат заедно, тие се наоѓаат и препознаваат меѓу себе со совршена сигурност.

Не може да се искористи никаква маска, ниту лицемерие ниту преправање не можат да ги сокријат карактеристичните квалитети кои ги одликуваат членовите на ова друштвто. Сета илузија ја снемува, и нештата се прикажуваат во својот вистински облик.

Ниеден член не може да избере друг; потребен е едногласен избор. Иако не сите луѓе се повикани, многу од повиканите се избрани, и тоа веднаш штом ќе станат погодни за влез.

Секој човек може да бара влез, и секој човек кој е внатре може да подучи друг да го бара; но само оној кој е погоден ќе стигне внатре.

Неподготвени луѓе предизвикуваат неред во една заедница, и нередот не е компатибилен со Светилиштето. Оттука е невозможно да се профанира Светилиштето, бидејќи приемот не е формален туку реален.

Световната интелигенција залудно го бара ова Светилиште; неплодни ќе бидат исто така и напорите на злобата да продре во овие големи мистерии; сè е неразбирливо за оној што не е зрел; тој не може да види ништо, не сфаќа ништо во внатрешноста.

Оној што е погоден се врзува со синџир, често пати можеби онаму каде е најмалку веројатно, и тоа во миг за кој и самиот тој не знае ништо.

Да се стане погоден треба да биде единствениот напор за оној што бара мудрост.

Но постојат методи преку кои погодноста се стекнува, зашто во оваа света заедница е примитивното складиште на најдревната и првобитна наука на човечката раса, со првобитните мистерии на сите науки исто така. Тоа е единствената и навистина просветлена заедница која апсолутно го поседува клучот на сета мистерија, која го познава центарот и изворот на сета природа. Тоа е друштвото кое обединува врвна сила за себе, и брои членови од повеќе од еден свет. Тоа е друштво чии членови ја образуваат републиката на Генијот, Мајката Намесник на целиот Свет.

Advertisements