Мал Истерувачки Ритуал на Пентаграм – 2


Мал Истерувачки Ритуал на Пентаграм

Телемитите секој ритуал го започнуваат свртени кон Болескин (телемитската Кибла). За тоа може да побарате на нет повеќе.
Овде ќе го изоставиме текстот од ритуалот (кој што може да се најде на интернет без проблем), само ќе дадеме некои објаснувања и информации за да можете сами да откривате многу повеќе.

I. За кабалистичкиот крст

Кабалистичкиот крст се изведува пред и после секој истерувачки или призивен ритуал. За да се разбере целта и потребата од овој ритуал, ќе го разгледаме неговото изведување во однос на Дрвото на Животот.

Пред да се допре челото, раката се крева над главата визуелизирајќи како повлекувате божествена светлина надолу кон себе си.

Изведувајќи го кабалистичкиот крст, Вие правите две работи, и тоа:

  1. божествената светлина од Кетер (Атех) ја пренесувате до Малкут (кралството) – директна вертикална линија од највисокото кон најниското.
  2. ги урамнотежувате активниот елемент, сефирата Гебурах и пасивниот елемент, сефирата Хесед, со хоризонталната врска, како што може и да видите на сликата.

Вака добивате огромен крст од светлина кој што минува низ Вас. Сепак божественото е во секој од нас, ако им веруваме на сите свети книги и пракси.

Прекрстените раце на градите пак, ако добро ја визуелизирате целата ваша положба, со главата градат пентаграм кој што е на средината на крстот изграден од светлина. Уште една форма на ружа и крст можеби.

II. Истерувачки Ритуал на Пентаграм

Целта на истерувачките ритуали е да се исчисти просторот од непотребниот материјал за работата што сакате да ја работите. Битно е да се знае дека додека го работите овој ритуал Вие се наоѓате на крстосницата на патеките Пе и Самек  на Дрвото на Животот. Би било пожелно да ги погледнете соодветните Ату клучеви од „Книгата на Тот“. Нема ништо мистично и тајно во врска со таа работа.

Во Малиот Истерувачки Ритуал на Пентаграм се користи истерувачкиот пентаграм на елементот Земја, на сите четири страни за да се исчити просторот.

Истерувачки пентаграм на Земја

Божeствените имиња на четирите страни на светот се визуелизираат во средината на пентаграмот и тие се:

  • За исток יהוה (Четириделното име, тетраграматон, кое што нема овде да напишиме како се изговара),
  • за југ אדני (Адонај),  
  • за запад אהיה (Ехејех)
  • за север אגלא = (Атех Гибор ле-Олам Адонај) –  אתה גיבור לעולם אדוני.

Архангелите, кои се визуелизираат откако е затворен кругот со горните божествени имиња и истерувачките пентаграми на Земја, се врзани со страните на светот, а не со сефиротите кои стојат околу Вас додека се наоѓате во кругот (Тифарет пред вас кон Исток, Нецах десно од вас кон Југ, Јесод позади вас кон Запад, Ход лево од вас кон Север).
Овие архангели може да ги  најдете во Liber 777, колона LIX (Арханѓели на четвртините) кои ќе видите во книгата дека се врзани со елементите, а не со сефиротите.
Боите кои се визуелизираат за Арханѓелите (може да пробате и со божествените имиња) се

  • жолта за Воздух,
  • црвена за Оган,
  • плава за Вода и
  • црна за Земја.

Да додадеме само една мала забелешка за последниот дел од ритуалот, откако е исчистен просторот од елементите, всушност имаме и еден вид на призивање на арханѓелите на четирите четвртини на Земјата. Може да истражувате во врска со ова малку подлабоко.

*      *      *

Ова е сосема мало и нафрлано објаснување во врска со овој ритуал. За целосно објаснување би требало барем една книга. Оставаме на Вас вие да откриете самите уште многу разни атрибуции и објаснувања во врска со овој ритуал.
За оние кои не се запознаени со ритуалот ги охрабруваме да почнат да го работат и да го разберат најдлабоко што можат, со што ќе ги откриат големите тајни што ги крие истиот и кои не може да се напишат во овие редови.


Advertisements