Јога, Телема

Dharana – Контрола на мислата


За да може да го извежбате умот да ви биде малку подобар слуга, кој што ќе ги контролира мислите кога и како доаѓаат, ќе ви понудам вежби кои не се воопшто лесни – некои дури ќе речат дека сето ова е и невозможно. Можеби е и невозможно, но ако не се обидете да издржите во праксите, секоја ваша мисла за тоа што е возможно а што не – ќе биде гледана како нереална и невистинита.

Да започнеме.

Дарана е една од осумте гранки на раџа јога.

За да може да се насочите кон праксите за контрола на мислата, мора претходно да сте ги совладале техниките како асана – положба, да имате добра пракса во пранајама – дишење. Зошто е ова важно?
Целта на асана е да заборавите буквално кажано на телото. Јогата е пракса која ви дава мир. Затоа започнуваме од најматеријалното – телото. Мораме да се ослободиме од материјалното досадувањето на петте сетила за да може да почнеме со праксите за постигнување на било какво простветлување.
Пранајама не е врзана само со дишењето како механичко дејствување, ами е врзано и со енергијата која ја има човекот, јогините ја нарекуваат прана. Добро е да се урамнотежи оваа енергија за да може да се премине на пракси кои ќе ви помогнат да ја засилите моќта на контролирање на мислата.

Најдобра пракса со која секој започнува е да се седне во својата положба, да се смири телото, да се урамнотежи здивот – енергијата и да се визуелизира за почеток некој едноставен предмет.

За едноставни предмети (а и за да научите полека нешто за езотериските симболи) најдобро е да се земат петте татви од источните школи кои може да ги поврземе со петте елементи од западната окултна школа.
Тие се:

  • Црно јајце  – Дух
  • Плав диск  – Воздух
  • Сребрена полумесечина – Вода
  • Жолт квадрат  – Земја
  • Црвен триаголник  – Оган

Пробајте да визуелизирате една од овие татви и држете го умот колку што можете подолго насочен само кон предметот. Не дозволувајте никаква мисла да влета додека умот го насочувате кон предметот. Битно е да не се пренапрегате, бидејќи нема да постигните ништо значајно со тоа.
Во овој процес битно е да ги бележите разните прекини на кои ќе наидете. Забележувајте ги како вистински научник бројот на прекини, видот на мисли кои го прекинуваат процесот на задржување на умот фокусиран на предметот, времетраењето на процесот до прекинот итн.

Откако ќе имате солидни резултати ( ќе мора да бидете сурови кон себе си додека се оценувате, ако сакате да постигнете нешто), продолжете со комбинации на петте татви. Визуелизирајте на пример плав диск во жолт квадрат или пак црвен триаголник во плав диск.
Исто така следете ги резултатите како и претходно и запишувајте.

Откако ќе имате солидни резултати преминете кон визуелизација на подвижни предмети. На пример најдобро е движење кое се повторува и кое е хармонско. Најдобро е движењето на нишало (како што имаат големите ѕидни часовници). Процесот е ист.
Држете го умот насочен кон предметот кој сте го визуелизирале, следете ги прекините ако ги има, запишувајте и надминувајте. Со пракса ќе се подобри и контролата нормално. Многу е потешко да се држи мислата врз подвижен предмет. Постојано предметот сака да „избега“ од полето на „видик“, да исчезне. Засилете ја мислата колку што можете повеќе и не дозволувајте ниту една мисла да влијае на овој процес, но како што рековме, без напрегање премногу.

Ако имате добри резултати со едно нишало, визуелизирајте нишало како стои на тркало кое се врти во насола на стрелките на часовникот. Велите дека е невозможни ниту секунда да се држи мислата врз таков систем. Рековме, додека не седнете и не ги поминете праксите, вашиот суд е невистинит и нереален.

Кога ќе добиете солидни резултати при овие пракси, преминете кон визуелизација на живи предмети. Визуелизирајте личност која вие ја цените и задржете ја мислата врз него исто како и во претходните вежби. Забележете ги прекините, видот на прекини, времетраењето на визуелизацијата и тн.

Нормално, не мора да се ограничиме само на „видот“ и обидот да задржиме некој предмет „да не исчезне“ од нашето гледиште. Може да  создавате ваши пракси кои ќе вклучуваат други сетила. Пример задржете го умот на мислата каков е вкусот на чоколадото и не дозволувајте друга мисла да го прекине овој процес, или пак задржете ја мислата на шумот на водопадот, или пак капки вода врз метал.

Небитни се сетилата, битно е вежбање на умот да држи една мисла која вие сте ја одбрале онолку колку што вие сакате, без напор, без интерференции од други мисли, без интерференции однадвор.

Мислам дека ова е доволно сега за сега. Ако го поминете ова, ќе најдеме потешки вежби за да ви покажеме дека има уште за надминување. Но сепак, секое освојување почнува со првата битка. Па воини, повелете!


Advertisements