Магика, Телема, Философија

666-ти пат за Телемата и Магиката


Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон

На почетокот телемата како философија, религија, Закон на Новиот Еон – како ви е волја така нека биде, како и магиката – ги сметаа исто како и магијата, шарлатанството, ефтините трикови, спиритисти кои си играа со квази-духови, и ги заведуваа лековерните и оние кои лесно се фасцинираат. Сето тоа вековно полнење на умовите на луѓето за својата бедност, полни со грев, недолични да бидат ништо повеќе од црви на Земјата чиј живот не е нивни,ами подарен – разбирливо е до каде заминал човековиот дух на патеката кон божественото! Стариот еон во предвечерието на својот пад е најсилен!

Но…

Малубројните сериозни практичари и иницијанти, чувари на знаења кои се пренесуваат со еони низ човековата историја, ја видоа големата празнина и невистина која се шири како болест во однос на магиката и Телемата(волјата) и решија да излезат од својата таинственост и да почнат да ги „издаваат“ своите тајни за да бидат достапни секому. Тие увидоа дека моќта која ја нудат тајните знаења не лежи само во аристократијата, ами открија дека и оној селанец со раце испукани од земјата, ако ги изведува праксите може да ги искористува моќите кои ќе ги здобие. Тие увидоа дека „Секој маж и секоја жена е Ѕвезда“!

Сите тие магии, сите тие сеанси од минатото (додека се молчеше мудро во тајност) само донесоа магиката да не биде разбрана и да биде дел од тоа семејство на измамници и губитници и друмски разбојници (слично направија хипиците со нивното злоупотребување на дрогата). Телемата како философија и Закон на Новиот Еон, предизвикаа да биде одбивна бидејќи намерно или не, луѓето не ја разбрале магиката како уметност и наука, ами ја поврзаа со најподлите и најниски дејствија кои може да ги смисли Црниот Брат. Да биде одбивен Законот на Новиот Еон бидејќи му дава апсолутна слобода на човекот – да се воздигне или пропадне – како му е волја – во зависност од својата вештина, искуство и знаење – јас го сметам како типичен пример на незнаењето кое се провлекува од Стариот еон.

Но денес…

Кај луѓето е нормално да не се заморуваат премногу со работите. Денес се оди брзо, со скратени патеки. Се бараат лесни и едноствани формули за брзо постигнување на целта. Но каква цел барате? Ќе научи човекот дека работите може да се случат со магика и ќе побара колку што ќе му дозволи трпението за да види што е тоа, до наредниот пат кога ќе заглави во некакви си мрачни коридори на магијата, фасцинирањето, заслепеноста – и сето тоа ќе го поврзе со претходното што го научил барем малку за магиката.

Човекот денес за жал, ќе слушне магија или ќе прочита некаде за тоа во некој таблоид или портал на интернет, наредниот пат ќе види магика, и на волшебен начин тоа за него е исто нешто. Умот не му ни бара сличните поими да ги разгледа, раскрши на ситни парчиња и да види дали едното и другото се исти или пак сосема различни. Не се присилува да ги истражи поимите кои секојдневно ги чита, не се ни обидува да направи најмала анализа – без разлика кој метод ќе го избере за таа цел!
Никој не сака да ги изучува древните пракси и знаења кои заради одредени историски прилики мораа да заминат во „подземјето“ за да преживеат (Да се завиткаат во кожурецот на заборавот, за да излезат многу векови подоцна кога времето и човекот ќе биде спремен за тие сознанија.).
А ете гледаме како сите сакаат да зборуваат за истите тие знаења и пракси, да ги осудуваат, да се исмеваат, да каменуваат и да врескаат наоколу за работи за кои наслушнале бидејќи им било дозволено да дознаат многу повеќе од тоа што тие научиле.
Сеуште се бориме со мнозинството кое по инерција од минатото, сеуште е мрзоволно и со недоверба гледа во работите кои му се случуваат пред нос. Злото секогаш ќе бара поединецот да нема своја Волја, да нема свои права, да не биде силен! Злото секогаш ќе бара грев, секогаш ќе бара искупување, секогаш ќе бара вие да се чувствувате виновни за тоа што сте!

Според мене, како телемит, магијата ја сметам за дело на Црните Браќа, го сметам тоа дејствување како нешто што е подло, ниско, слично на хипноза без дозвола на другиот. Магијата ја сметам и ќе ја сметам како подла алатка за држење на вкупниот импулс на мнозинството ненасочен. Се што знае и може – да не биде функционално. Магијата оди рака подрака со Црните!
Магијата ќе ја сметам за моќна алатка на Црните која ќе го држи слабиот да верува – но да не знае, да се надева – но да не може, да сака – но да нема волја да љуби!

Но доста за гнасните патеки на Стариот Еон кои сеуште се провлекуваат преку дејството на слабите и злобните!

Да одиме повисоко, кон ѕвездите…

Колку пати зборувавме за Магиката(Magick) и како оваа алатка е сосема нешто друго од она што го зборувавме до сега? Колку пати? И уште колку пати ќе ви треба за да откриете кои сте вие навистина и што понатаму со вас во овие времиња кои не се истите од пред 120 години?

Зарем не рековме дека магиката е врзана со чистата Волја, некорумпирана од страста за резултат, така поставувајќи го патот да биде совршен. Нели рековме многупати дека Магиката за разлика од магијата, не ги силува Силите на природата (какви и да се тие сили и колку и да се суптилни истите), не гради фантастични сказни кои ќе го преплашуваат слабиот дух, туку рековме дека магиката ги проучува, ги категоризира, мери и премерува, и откако ќе се научи Законот и вистинските пропорции на истите, Магиката станува чиста уметност и наука во Пракса.

Можеби некој пак ќе праша подли прашања во стилот ако чистата Волјата сака да наштети на некој друг, или што правиме ако мојата Волја е да го уништам светот?

Погледнете ја Liber Oz, мили мои. Ако го прифаќате Правата на Човекот дадени во Liber Oz, како ваше орудије за дејствување, како ваша етика, слобода, светлина – вие прифаќате дека сето тоа важи за било кој друг. Ако вие имате право да живеете, тоа право го има секој друг. Ако вие имате право да бидете хомосексуалец, да цртате карикатури на туѓи богови итн итн – истото право го имаат сите други во однос на твоите права дадени во Liber Oz.
Така да, јас мислам дека таквата волја е чиста желба на заморениот ум кој што не ја гледа целата слика.

Ако прифатиме дека „Прави што ти е волја“ важи за нас, истото важи и за било кој друг. Со тоа прифаќаме дека ако ние сме Ѕвезда која има своја орбита, тогаш и другите се ѕвезди и имаат свои патеки. А ако сето тоа се силува, и Волјата сака да наштети, Тоа е Магија!
И тука настанува збрканоста на обичниот човек кој не е запознаен ниту со магија ниту пак со магика или пак тајните пракси кои се пренесуваат низ еоните.

Братот Пердурабо вели дека Магиката е Наука и Уметност. Дека секој Акт, секоја мисла е Магика. На многу места, низ многу свети книги е кажано дека и човековата мисла ќе се суди. Не тренираниот ум и тело – не може да држат трениран дух!
Магиката е Уметност и Способност да не се троши Бесконечната Резерва на Енергија залудно додека сте тука, на Земјата.

Во “Магика без Солзи”, се одговорени голем број на битни и сложени прашања кои, ете понекогаш дури и самиот Аџија на патот, го збунуваат и се трудат да го застранат.
Многумина велат дека магиката е сатанизам, зло и што ли не, дури и дека е онаа „страшната“ Лева Патека за која се знае толку малку, но сето тоа го гледаме само како уште еден обид да се скрши Волјата и Мислата на човекот од страна на неупатените кои битисуваат во „сигурноста“ на стадото.

Бидете поздравени вие кои што стигнавте до крајот!

Љубов е законот, љубов под волја

Advertisements