Liber Oz – Мои кратки коментари


Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон

Како што знаат сите, кои го читаат редовно мојот блог, Liber Oz е најкратката „книга“ која ги содржи сите ПРАВА на човекот во една рака. Во зависност од знаењето, волјата, праксата, разбирањето – секоја индивидуа различно ќе ги применува овие права кои се инкорпорирани во нејзината суштина.

OZLiber Oz го преставува најкристализираниот и најзбиен коментар на целиот Закон на Телема, даден во „Книгата на Законот“, за Човекот на Земјата. Затоа, премногу често се случува да биде погрешно протолкувани (намерно или не) Правата на Човекот, да се земе било кое право на човекот како индивидуа и да го злоупотребувате вашето право како човек, за угнетување на други индивидуи кои имаат сосема други идеи како и зошто и кога да го живеат својот живот на Земјата. За да биде појасно, едно треба да биде јасно во врска со Правата на Човекот:

Сите права што ќе ги прифатите од Liber Oz како ваша суштина за слободно дејствување на Земјата, истите тие права важат за било која друга индивидуа која се движи по својата природна патека на чистата волја!

Дури и да има конфликти по тие патеки кои ги одат луѓето кои ја прифатиле Телемата како начин на дејствување, живеење тука, тие конфликти не се предизвикани од неразбирање на патот што се оди, ами тоа е дел од начинот за проширување на сопствениот универзум на една индивидуа која искористувајќи ги своите права да биде слободна, бесконечна, вечно-горечка Ѕвезда без волја да смета на патеката на друга Ѕвезда. Секако е запишано:

„Внимавајте никој да не го присилува другиот, Крал против Крал! Љубете се со распламтени срца; по ниските луѓе газете во дивата страст на вашата гордост, во денот на вашиот гнев.“ – Книга на Законот, Поглавје II, Стих 24

И да додадеме:

„Но остроумни и горди, кралски и отмени; вие сте браќа! Како браќа борете се! Нема Закон над Прави што ти е волја.“ – Книга на Законот, Поглавје III, Стих 58-60

Ако се прашувате кои се тие „ниски луѓе“, ќе мора сами да си одговорите на тоа прашање, според вашето сопствено искуство. Сепак се работи за „Книгата на Законот“. Не е добро да шириме догми!

Но, да се вратиме на Liber Oz или Правата на Човекот.

Овој памфлет е напишан далечната 1941 година, кога почнува да беснее Втората Светска војна.

Гледано од денешна перспектива, не гледам дека човекот е ослободен од моралните, етичките, политичките и економските пранги со кои самиот се затвора. Сеуште насекаде по светот, па и во Македонија – човекот не е слободен и нема права. Не зборувам тука за некакви правни закони со кои му се дозволуваат или одземаат некакви права на поединецот. Зборувам за одземање права на една индивидуа од страна на друга или група на индивидуи. Тоа „одземање права“ не мора да биде дирекнто надворешно дејствување за да ве попречи некој да не бидете тоа што ви е волја и природа. Многу полошо е да ве убедат дека вашето право да ја извршувате својата волја и никоја друга, да мислите со своја глава, да љубите како сакате и кого сакате е погрешно и штетно за опшеството од кое сте секако и самиот дел.

Зошто е тоа така е многу лесно да се одговори!

Поединецот нема знаење, волја и практично искуство како да живее со различните луѓе околу него! Човекот е научен да го сака она што му е блиско, познато и што го разбира, а да гради одбранбен ѕид кон се што му е туѓо, различно од неговите идеи за „правилно“ етички или морално, што води нормално кон силување на правата на поединецот во извршувањена неговата волја.  Многу е лесно на таков ум да се дејствува однадвор и да се натера да изгради уште поголем ѕид во однос на различните од него! Нормално, додадете ја тука и потребата да се групира човекот во стадо и ете не – секој на секого тиранин!

Но, да започнеме со Liber Oz!

Да ја анализираме првата „строфа“!

Започнува со стихот: ЧОВЕКОТ ИМА ПРАВО ДА ЖИВЕЕ ПО СВОЈ СОПСТВЕН ЗАКОН – и следуваат кратки објаснувања што опфаќа овој СОПСТВЕН ЗАКОН за човекот. Клучно за градење на овој сопствен закон е во следното: нека прво човекот добро го осмисли тој сопствен закон, каков ќе биде, дали ќе смета на патеката на другите кои исто така имаат свој сопствен закон по кој живеат, се забавуваат, одмараат и умираат, дали ќе опфати се од самото негово постоење и дејствување на Земјата итн. Ова директно не навраќа пак на Законот на Телема и откривање на вашата и само вашата чиста волја: зошто си тука на Земјата?
Која е волјата што ти вели: диши, живеј, дејствувај, умри ако ти е волја?
Кога ќе го спознаете тоа преку дадените пракси, не го раскажувајте на другите, нам не ни е битно која е вашата чиста волја на која се крепи и гори твојата највнатрешна Ѕвезда, ами дејствувајте исполнувајќи ја вашата чиста волја и ништо друго. Зарем не започнува Liber Oz со стих од „Книгата на Законот“?

“Ти немаш право освен да дејствуваш по својата волја. Прави го тоа и никој нема да ти каже не.” – Liber AL vel Legis, I.42-43 

И нормално, пак да повториме: чистата волја е ЕДНА и нема врска со минливите желби кои се условени од големиот број настани во даден момент. Размислете и медитирајте на ова, така ќе можете да го воспоставите својот закон по кој ќе живеете апсолутно слободни.

Во вториот „стих“ на се дадени правата со кои човекот опстанува во живот! Какви се тие будалести старо-еонски забрани да не се пие ова или она?  Ако ви е волја да пиете, пијте! Ако ви е волја да јадете, јадете! Се на Земјата е за Човекот! Секако ви треба знаење и мудрост како и зошто! Да не забораваме:

„Не биди животно; облагороди го својот восхит! Ако пиеш, пиј со осум и деведесет правила на вештината: ако љубиш, надмини со префинетост; и ако правиш нешто радосно, нека има суптилност во тоа! Но, надмини! надмини!“ – Книга на Законот, Поглавје II, Стих 70-71 

Какви се овие забрани да бидеш насилно дел од друштво наречено држава која со самата граница која си ја поставила го ограничува и човекот со истата нудејќи парцијална слобода во тие граници? Како човекот да биде слободен кога нема право да се движи слободно каде сака и како сака? Вие сте против глобализација и безграничност? Бидете, тоа е ваше право, јас имам сосема друг поглед за слободното движење на Земјата.

Во третиот „стих“, Liber Oz зборува за слободата на говор, за слободната мисла, за правото да создавате што сакате и како сакате исполнувајќи ја до максимални граници вашата способност практично. Секое стегање на вашата инвентивност, слободоумност, секое кастрирање на вашата мисла за да се вклопи во рамките на една заедница – ве прави робови на таа заедница!
Како вие очекувате да бидете слободни ако вашите мисли и дела се поголеми од заедницата во која битисувате?
Со калемење на вашата суштина и жртвувајќи си го вашиот гениј вие ќе имате слобода која ја налага заедницата?
Па како ќе еволуираме ако се ограничуваме во однос на заедницата? Со револуции?
Ако ви е волја да ја ограничувате вашата мисла, повелете, но не барајте и други да го прават тоа.
Но, барем облекувајте се како ви е волја! Нека ги покриваат очите конзервативните индивидуи пред вас, отколку вие да се покривате целосно заради нивните очи и мисли!

И во четвртата „строфа“ на 77 доаѓаме до суштината на Правата на Човекот: љубовта. Законот на Телема се заснова на два столба: Љубов и Волја! Агапе и Телема!
Од самиот стих од „Книгата на Законот“ сами може да заклучите дека секое ваше негодување кој како што и кога љуби е ограничување на нивниот закон кој се споменува на почетокот на Liber Oz. Рековме дека ако вие ги прифатите Правата на Човекот, автоматски ги прифаќате истите права да важат и за сите други! Ако и за зрнце прашина го оспорите правото на некој да биде тоа што му е волја – не сте ништо подобри од некој тиранин, и тоа зошто? Бидејќи сте паднале во замката на своето незнаење и неразбирање на различните од вас и нивното право да живеат по свој сопствен закон!

Секој има право да љуби по своја волја! Вие може да се гнасите од тоа, да не се поклопува нечија љубов со вашиот етички и морален систем кој сте го граделе кој знае како, вие најдобро си знаете, но да спречите некој да биде тоа што е – не може! Ниту една квантитативна вредност е небитна во однос на бесконечноста и вистината!
Дозволете секој да биде вистина за самиот себе!
Не бидете тирани, докажете дека знаете да љубите и различни од вас! (за подобро разбирање на овој стих од „Книгата на Законот“ ве упатуван да ја прочитате „Законот е за Сите“ која содржи коментари на целата „Книга на Законот“ од страна на Големиот Ѕвер)

И ете не на крајот од Liber Oz! Најисвирканиот стих од страна на кукавиците и тираните! Најцитираниот и најкоментиран стих од оние кои знаат дека ќе умрат ако застанат на патот на нечија волја! Најкоментираниот стих од оние кои се плашат од Правата на Човекот и слободата која ја нуди Liber Oz! Но да дадеме едно мало објаснување и за оние кои се спремни да убијат заради спречување на нивните права:
Ако добро сте ја студирале Liber Oz (и философски и практично) заедно со „Книгата на Законот“ (философски и практично) ќе сфатите дека овие Права на Човекот дадени во Liber Oz, се во дирекнта врска со вашата чиста волја која ве брка по животот, без разлика свесно или несвесно! Ако не ја спознаете вашата чиста волја, неослабната од страста за резултат, Правата на Човекот ќе ви бидат јалови обиди да ги оправдате вашите дејствија во очите на другите и нема да постигнете ништо освен конфликти и погрешни дејствувања во однос на другиот! Кога дејсвувате по вашата чиста волја, Правата на Човекот се најразумното нешто на Земјата и никогаш не се доаѓа до овој последен стих да биде извршен од било кој свесен човек кој што го разбира универзумот во кој што живее!

Во „Законот е за Сите“ се вели:

„Лоша Магика преставува прифаќањето дека некој е нешто друго , а не Неговото највнатрешно себство. Треба да се впуштиме страстно во секое можно искуство; со правењето на тоа се прочистуваме од оние наши лични предрасуди, кои ни дадоа погрешно сфаќање и кои не спречуваа во извршувањето на нашите Вистински Волји и во спознавањето на нашата Суштина и Природа.“ – Законот е за Сите, А. Кроули

Но сепак, дури и ако некој одлучи да биде тиранин и да оспорува права на една индивидуа, нема начин да ја сопре бидејќи оној што дејсвува по својата чиста волја, е Ѕвезда, а една мала планета не може ништо да направи во однос на една Ѕвезда која се движи како Крал по својата патека наречена Живот и Смрт!

Љубовта е закон, љубов под волја

Advertisements

One thought on “Liber Oz – Мои кратки коментари

  1. Интересно, ми требаше многу време да седнам да ја прочитам, иако често читам и уживам во тоа. Но, ме потсети на нешто што отсекогаш сум го знаела, ама по години живеење меѓу луѓе со куси умови, научив да се преправам дека заборавив. Се работи за моја грешка, еднакво како и нивна. Anyway, не почувствував потреба да ја толкувам или прераскажувам. Само и се израдував.

Коментарите се затворени.