Поголемиот Ритуал на Хексаграм


Ние постојано зборуваме за чистата Волја и за Големото дело на еден човек. Постојано велиме дека Големото Дело е ЕДНО, Иницијацијата е Една, Работата е Една – без разлика колку и да гледате вие различни патишта и бесконечни варијации.
Многупати сме зборувале дека Големото дело е соединување на Пентаграмот со Хексаграмот, на Микрокосмосот со Макрокосмосот кои ако ги запишеме како 5 и 6 го даваат нашиот свет број 11 кој што има толку многу убави и страшни значења за вас. Проширувањето на свеста надвор од пет значи конечно триумфирање на Духот над Материјата соединувајќи се со 6 отварајќи ги портите кон тајните енергии на универзумот.
Мора доволно добро да се разбира и да се има искуство и знаење во врска со ритуалите на пентаграм и малиот ритуал на хексаграм за да се работи со посуптилните и диференцирани енергии од макропрозопусот!

Бидејќи веќе зброувавме за Малиот Ритуал на Хексаграм преку кој научивме доволно како микрокосмосот го гледа макрокосмосот и формулите за соединување со него, сега ќе зборуваме за Поголемиот Ритуал на Хексаграм преку кој се работи со одредени сегменти на соларната енергија која ни е потребна за нашата работа во даден момент.

Многумина ме имаат прашувано за овој ритуал и зошто има толку оскудни податоци во врска со него во Liber O. Одговорот е едноставен: многу оскудно е запишано во врска со овој ритуал бидејќи неговото изведување зависи само од магичарот кој што е спремен да го изведува. Она што стои во Liber O за овој ритуал е всушност единственото нешто кое се изведува од секој магичар исто: тоа се хексаграмите (без разлика дали се призивни или истерувачки) и божествените имиња на планетите и зодијачките знаци. Зборовите со кои ќе призивате или ќе истерувате и кои ја распламтуваат вашата Ѕвезда, се само ваши „формули“ кои ве соединуваат со макрокосмосот!
Вашето разбирање на атрибуциите на планетите и зодијачките знаци е она што е потребно за да овој ритуал има реална акција при неговото изведување. Се друго е небитно и лесно за учење.

Во Liber O за Поголемиот Ритуал на Хексаграм читаме:
1. Да се призиваат или истеруваа планетите или зодијачките знаци.
2. Се користи само Хексаграмот на Земја.
3. Цртајте го Хексаграмот  почнувајќи од точката чија атрибуција одговара на дадената планета која не интересира.
4. Нацртајте го сигилот на планетата во центарот на Хексаграмот. За зодијачки знак нацртајте го хексаграмот на планетата која владее со дадениот знак, но во средината нацртајте го  астролошкиот знак наместо на планетата.
5. Вибрирајте ја прво магиската формула ARARITA, а потоа Божественото име на соодветната планета или зодијачки знак.

Многумина се прашуваат кој е Хексаграмот на Земја и како се цртаат во однос на него призивните или истерувачките Хексаграми на сите планети и зодијачки знаци.
Ако го погледнете Малиот Ритуал на Хексаграм ќе видите дека таму се користи Хексаграмот на Земја кога сте свртени кон Југ кој што изгледа вака:

Хексаграм на Земја
Хексаграм на Земја со планетарни атрибуции

Во текстот на Поголемиот Ритуал на Хексаграм стои дека се користи само овој Хексаграм со кој се призиваат или тераат планетите или зодијачките знаци.

Исто така, потребно е да знаете дека во овој ритуал не се свртувате кон Исток (што и да ви значи тоа Вам), ами се набљудува небото во дадениот момент и се наоѓаат планетите на небото во однос на Вас и кога ќе се призива или истерува енергијата од соодветната планета или зодијачки знак, потребно е да сте се свртени кон таа планета (зодијачки знак).

Општо правило за цртање на истерувачките хексаграми е ова:
се започнува од планетата со чија енергија сакаме да работиме и се цртаат линиите спротивно од стрелките на часовникот. Откако ќе се исцрта едниот триаголник, се оди кон спротивната точка од која сме започнале и се исцртува и другиот триаголник цртајќи спротивно од стрелките на часовникот.
За призивните хексаграми се останува исто само што се црта во насона на стрелките на часовникот.

Така ако сакаме да ицртаме истерувачки хексаграм на Сатурн започнуваме од најгорната точка која одговара на атрибуциите на Сатурн и повлекуваме линија кон Меркур, па кон Венера и завршуваме во Сатурн. Потоа ја земаме спротивната точка од Сатурн, а тоа е Месечина и цртаме од таа точка кон Јупитер и потоа кон Марс завршувајќи во Месечина.
На сликата подолу ќе добиете попрегледна престава како се црта истерувачки хексаграм на Сатурн (следете ги стрелките и ќе забележите дека се движиме спротивно од стрелките на часовникот).

Призивен и Истерувачки Хексаграм на Сатурн
Призивен и Истерувачки Хексаграм на Сатурн со соодветното Божествено име

За да ги научите атрибуциите на планетите, знаците и елементите(божествени имиња, атрибуции во однос на хексаграм и пентаграм, бои, богови поврзани со нив итн) Ви ја препорачувам Liber 777 која е достапна на македонски јазик, во која се дадени голем број табели преку кои се дознаваат голем број на јавни но и тајни значења на одредени симболи кои ќе може да ги користите во вашата практична работа. Така и јас ќе имам многу помалку за пишување, нормално бидејќи многу подобро ќе се разбираме и многу подобро ќе надминуваме. Сепак и јас сум како вас: учам и надминувам бесконечно!

Откако проговоривме за основните работи во врска со Поголемиот Ритуал на Хексаграм: за што служи, кој хексаграм се користи, како се цртаат различните хексаграми на планетите и зодијачките знаци – следува да ги дадеме сликовито сите хексаграми на планетите и божествените имиња (во Ашија или Материјалниот свет) кои одат со секоја планета и кои се користат во ритуалот заедно со формулата ARARITA –

אחד ראש אחדותו ראש יחודו תמורתו אחד

„Achad Rosh Achdotho Rosh Ichudo Temuratho Achad“

(за оваа формула може да ја видите LIBER DCCCXIII VEL ARARITA SUB FIGUR DLXX која ќе ви даде поголемо разбирање во  врска со ритуалите на хексаграм, а со тоа и на самиот пат за изведување на Големото дело).

Истерувачки и Призивен Хексаграм на Сатурн
< Божествено име Тетраграматон Елохим или יהוה אלהים >
Истерувачки и Призивен Хексаграм на Јупитер
< Божествено Име Ел или אל >
Истерувачки и Призивен Хексаграм на Марс
< Божествено име Елохим Гибор или אלהים גביר >
Истерувачки и Призивен Хексаграм на Венера
< Божествено Име: Тетраграматон Цабаот или  יהוה צבאות >
Истерувачки и Призивен Хексаграм на Меркур
< Божествено Име Елохим Цабаот или אלהים בצאות >
Истерувачки и Призивен Хексаграм на Месечина
< Божествено име Шадаи Ел Кхаи или שדי אל חי >

Како што забележавте, дадените хексаграми на планетите го следат распоредот на истите според Дрвото на Животот и соодветните сефироти:

  1. Бина – Разбирање = Сатурн
  2. Чесед – Милост = Јупитер
  3. Гебура – Сила = Марс
  4. Тифарет – Убавина = Сонце
  5. Неца – Победа = Венера
  6. Ход – Сјај = Меркур
  7. Јесод – Темел = Месечина

Испуштен е Призивниот и Терачки Хексаграм на Сонце. Ако некогаш имате потреба да го направите тоа(призивен или терачки ритуал на Хексаграм на Сонце), потребно е да ги изведете сите шест призивни или истерувачки хексаграми на планетите со таа разлика што во средината на хексаграмите ќе го цртате астролошкиот симбол на Сонце и ќе го користите Божественото име Тетраграматон Елоах ве-Даат или יהוה אלוה ודעת.

Забелешка

За оние кои ревносно ги изучуваат езотериските пракси и кои сакаат поголемо разбирање на работите – може слободно да ги погледнат следните табели од Liber 777:

  • Колона II и III – ги дава имињата на еврејски на соодветните сефироти и патеки на Дрвото на Животот
  • Колона V – ги дава Божествените имиња на соодветните сефироти и патеки
  • Колона VI и VI – ги дава Небесата на соодветните сефироти и патеки
  • Колона XV до XVIII – ги дава боите на соодветните сефироти и патеки во секој од четирите кабалистички светови
  • Колона XX, XXXIII, XXXIV,XXXV, XXXVI – ги дава практичните атрибуции на египетски божества, скандинавски божества, грчки, римски и дел од христијанските концепти на божества во однос на дадените сефироти и патеки
  • Колона LXXVII и следните неколку колони – ги дава астролошките симболи на планетите и нивната поврзаност со соодветниот сефирот од Дрвото на Животот, интелегенции на планетите, духови, метали кои одговараат на соодветната планета
  • Колона LXXXIII – го дава распоредот на планетите во однос на Хексаграмот на Земја
  • Колона CXXXVII – ги дава зодијачките знаци
  • Колона CXXXVIII – ги дава планетите кои владеат со зодијачките знаци
  • Колона CXXXIX – ги дава егзалтираните планети во дадениот зодијачки знак

Тука може да додадеме уште многу колони и многу врски помеѓу истите и како да се искористат при различна практична работа, но за овој есеј е доволно да се знае ова и да се експериментира и изучува постепено и внимателно овој ритуал.

Advertisements