Јога, Алхемија, Астрологија, Кабала, Магика, Ритуали, Тарот, Телема

Магиска Моќ


Извадок од „Магика без Солзи“
Алистер Кроули
(Телемитска литература – Саем на Книга 2014)

Мораш добро да ја проучиш „Магика“, Поглавје XIV и никогаш да не заборавиш ниту еден детаљ. Од занемарувањето на ова доаѓа поголем неуспех, отколку од сите други причини ставени заедно!

Еве уште една од оние Источни  приказни за тебе!

Некој си Јогин мислел дека ќе биде извонредно достигнување ако научи да оди преку реката Ганг. По четириесет години успеал и отишол кај својот Гуру за да ја демонстрира својата моќ и да ја прими очекуваната награда. Се случило овој Гуру да биде ист како мене, барем во однос на неговиот Непријатен Карактер; кога ученикот пристигнал весело чекорејќи  преку Светата Река, очекувајќи комплименти, се сретнал со: „Па добро, мислам дека ти си комплетен будала, сите овие години твоите соседи одеа преку река со сплав за две парички!“.

Поуката, драго дете, е дека таквите сили никогаш не треба да се сметаат за главна цел; всушност на почеток би требало да биде очигледно дека човечката Вистинска Волја мора да биде подлабока и посеопфатна од самото техничко достигнување. Јас ќе одам и подалеку и ќе речам дека таквиот напор мора да биде магиска грешка, исто како да се чува пушка или часовник или трска за риболов заради нив самите, а не заради нивната употреба. Навистина оваа забелешка оди до сржта на работите; зашто сите овие сили, ако ги сфатиме правилно, се природни нуспроизводи на нечие вистинско Големо Дело. Моето искуство е многу уверливо во однос на ова прашање, зашто една моќ следеше одненадеж по друга, кога беше најмалку посакувана и веднаш увидов дека тие преставуваат пукнатини во мојот чамец. Тие покажуваа несовршена изолација.

Ату II - Свештеничка

А навистина, тие се и прилично незгодни. Нивното поседување е толку ласкаво, а нивното заведување е толку суптилно. Човек веднаш сфаќа зошто сите првокласни Учители инсистираат толку силно дека Сидите (или Идите) мораат одлучно да бидат отфрлени од Аспирантот, доколку не сака да заскита и да се изгуби на крајот.

Сепак, „дури и штетните честици на Материјата можат, исто така, да станат корисни и добри“ како што не потсетува Зороастер. Од една страна, нивното поседување неоспорно е сидро, оставено на милоста на ураганот на Сомнежот – сомнеж за тоа дали целата работа е глупост!

Таквите моменти се чести, дури и кога човек напреднал до стадиум кога Сомнежот изгледа невозможен; се додека не стигнеш дотаму, не можеш да имаш поим колку е тоа лошо!

Од друга страна пак, кога овие сили природно и спонтано ќе се појават со  вежбањето на човечките соодветни способности во Големото Дело, тие би требало да бидат нешто повеќе од пукнатини. Би требало да бидеш во состојба да ги организираш и контролираш на таков начин што тие ќе ти бидат од вистинска помош во преземањето на Следниот Чекор. Конечно, каква е моралната и магиската разлика помеѓу варењето на човечката храна и човековото трансформирање во сокол.

*      *      *

Повеќето од овие работи се разгледани во „Магика – Книга 4“.


Advertisements