Златното Магаре – Извадок



 

Тука ќе дадам еден мал извадок од крајот на книгата позната како „Златното магаре“ („Метаморфози“) – во која е опишана една, да кажеме, иницијација со сите нејзини чудни нешта(метаморфози и „промени“), кои се појавуваат ваму или таму додека се изминуваат разните искушенија заради неуморната потрага кон бесконечното.

Ова што следува се зборовите на Свештеникот на Божицата, пред Лукиј да го добие своето „спасување“ откако ги изминал храбро своите искушенија, бркан од својата љубопитност за повеќе!

*      *      *

После толку големи и толку многубројни маки, прогонуван од силните бури на судбината, ти Лукиј, најпосле пристигна во пристаништето на Мирот и до олтарот на Милосрдието. Не ти беа од никаква полза ниту твоето потекло, ниту твојот углед и образование со кое се одликуваш од другите, туку искушенијата на нежната и неискусна младост те доведоа до уживање со слугинка, па твојата љубопитност скапо ти се одмазди.

Но, сепак и покрај се, твојата слепа Судбина – која во својата злобна непромисленост те изложи на најголеми страдања и опасности, сега те доведе до ова блаженство.
Сега нека си оди, нека беснее колку сака и нека најде некој друг на кој ќе го искали својот гнев!

Оние, чии што животи се зачувани благодарение на величието на нашата Божица – за да и служат нејзе, тие не се повеќе изложени на суровоста на судбината.

И каква полза има сега суровата судбина од разбојниците, дивите ѕверови, ропството, опасните патувања и бескрајните скитања по камените патишта, од секојневните смртни опасности? Ти си сега под заштита на Судбината, која не е веќе слепа и која ги осветлува и останатите богови со сјајот на својата светлина!
Твоето лице сега нека покаже ведрина која и прилега на белината на твојата туника и со весел чекор придружи и се на поворката на божицата спасителка!
Безбожниците нека те видат и нека ја согледаат својата заблуда:
еве го Лукиј кого провидението на големата Изида го избави од некогашните страдања;
еве го Лукиј кој со својата радост ликува над својата Судбина!

А за да бидеш уште побезбеден, придружи и се веднаш на оваа света војска, заколнии се веднаш дека доброволно ќе се потчиниш на светите обреди!
Кога ќе почнеш да и служиш на Божицата, уште повеќе ќе ги почувствуваш плодовите на својата слобода.


Advertisements