Дајте ми вина што се пенат…


Не сум јас за гравови и посни баници,
Не сум јас за крстови и гнасни мириси
на темјани старо-еонски.

Дајте ми вие мене вина што се пенат,
И жени што знаат да одат по виножита,
и бесконечни патишта по кои одат малкумина.

Тоа ќе го проголтам како бездна,
И нема да се наситам довека.

Но не ми давајте посни гравови
и старо-еонски гревови,
О вие дрдорковци на
старо-еонските философии,
Не ми давајте смрт-јалова, ужасна!

Дајте ми од пенливите вина на Дионис,
за да се разбудам меѓу ѕвездите во вечноста,
но мавнете ги од мојата трпеза на животот
вината што мирисаат на крв застоена
која ја нудите на бедните за да воскреснат.

Дојдете и вие, браќа и сестри,
бидете дел од вечноста во ноќта која не минува.
Дојдете и пробајте го пенливото вино на боговите,
крвта на вечноста.

Advertisements