„Проклетство“ или Визија


Текстот е позајмен од ракописите на Fra. Α
( 2003 е.v. )

… И ете, таа мисла сеуште, не знам зошто и каде, ја носам во својата глава, која по се, и за се одбива да биде дадена или кажана со зборови. Можеби мудро молчи во пазувите на мојот Ум, за да казнува и мачи за мојот непослух. Или можеби го чека времето, да ја престаса и тогаш да каже: Време е, дојде мојата Тишина, дојде мојата вечна Ноќ?

И еве, јас во заблуда или не, го чекам времето кога секоја мисла едно ќе биде, и кога јас, без страв, со тишината окото твое ќе ти го заробам и во црна кутија, поцрна и од најцрната ноќ, ќе го скријам и скришно, скришно само јас во него ќе гледам и тајни волшебни ќе плетам, додека надвор, во таа пустелија, лажни светлини ќе постојат за да ја дознаат мојата Тајна, мојата мисла. На ветрот, тој вечен патник, тие ќе ме дадат за да на Огнот заборавам и исчезнам по кој знае кој пат под ова човечко небо, од овој Пекол. Но јас, во Ноќтта моја ќе те скријам, во моето скривалиште, каде сам шетам по моите беспаѓа, меѓу сенки-другиот вид на светлина, каде со нив молчам и со нив умирам, како нем сведок на својата Бесмртност.

Ми рекоа, знаеш, кога Вечноста ќе престанам да ја чуствувам, кога телото ќе ја загуби хармонијата на времето кое се менува, тогаш, можеби тогаш ќе успеам да ти го вратам твоето волшебно око, како на Божица, иако го сакам повеќе и од самата тајна. И тогаш можеби ќе ме видиш разголен и сам, избезумен во новата мугра на денот, и се надевам ќе ја сфатиш лудоста на она минато време кое постои за нас, во нас. И нема да ме препознаеш во таа чудна светлина на зората-проклетија. Ќе ме гледаш чудно и без глас, прашувајќи се, дали сум јас Оној, кој постоеше во она проклето минато.

Но, ќе бидам јас нов Оган, искален во Ништото, осамен, сам за себе. И можеби тогаш ќе ја дознаеш тајната на твоето око. И времето тогаш ќе се помеша во виорната игра на случајноста, за мислата да ја заскита некаде таму, меѓу моето и твое постоење, меѓу мојата и твоја смрт, нашата илузија.

О Ноќ, кај ли ме носиш со сите твои мисли во мојот Ум. По кои тоа патеки и беспаѓе ме шеташ и маѓепсуваш. Каква утеха му носиш на Осамениот во овие времиња.

Во Ноќтта знаеш, се спознава мудроста, кога тишината ни срцето не дава да го почуствуваш. Кога крвта е ладна, а мислата семоќна. Кога си доволен на самиот себеи кога не ти е потребна друга душа-скитничка да бдее во твојата празнина. Кога крвта проклета и перото се доволни за да заминеш и никогаш да не се вратиш во својот Храм, за да ја видиш Неа, која е…

За мене…

Voice of the Angel

За тебе, о Проклетнику, за тебе таа ќе биде само студен камен на кој, во Ноќтта-другиот дел од Денот, ќе се чудиш зошто не можеш Север да го најдеш. Ќе се чудиш зошто нема мов овој совршен камен, фрлен од раката на некој Бог.

Во ноќтта, мојата сестра, ќе се будиш сам, со сенки-вечни патнички во твојот Ум, и ќе се прашуваш што сега, каде понатаму во ова бедно постоење.

Ќе се чудиш Ти, и окото нејзино ќе чекаш да го вратиш кога времињата ќе се помешаат, за да и дозволиш ти, да ги види таа твоите волшебни тајни. Твојот мрак, и твоите сенки. За да и дозволиш да го дознае таа стравот од Животот, или Смртта. Ќе го чекаш тоа време, за да те открие и познае, да те види нов во тие времиња.

Но, проклет биди црву, ако тоа го направиш и мислата своја на друг ја подариш. Биди проклет ако во денот свој, сам на крстот се качиш и тајната ја проговориш. Казна вековна ќе добиеш за твојата непромисленост, казна за твојата човечка глупост. Ноќтта твоја ќе ти биде забранета, а тишината од тебе земена.

Хаосот, о Ти смртнику, за татко ќе го наречеш и во него фрлен ќе бидеш, за да во него пострадаш, и во него умреш. Умот твој, душо проклета, ќе го распарчам и во бездната фрлам, а тебе, ќе те уништам. Ќе направам во мислите да заскиташ, Ништо да се наречеш, самиот да се заборавиш и засекогаш исчезнеш.

Биди засекогаш проклет, Ти кој Ασταφαιος се нарече, и ноќтта, Твојата мајка, блудница ја направи.

Биди проклет, Човеку, заради својата мисла семоќна.
Биди проклет, заради својата вечна потрага.

Advertisements