За отстранувањето на превезот


Патиштата кон откривање на својата вистинска Волја

Целта на овој есеј е да го охрабри читателот кои што чувствува внатрешен повик кон мистериите на Законот на Телема или езотериските гранки кои што тој ги опфаќа. За почеток би сакал да нагласам дека како писател на овој краток есеј сум прилично млад човек чии што чекори на Патеката кон откривањето на својата вистинска Волја се мали и кратки, но во ниту еден случај тие не се потпрени на стаклени нозе.

Кога се работи за откривањето на својата вистинска суштина, иницијација и прифаќањето на Законот на Слободата, неопходно е дуалноста на нашиот ум да се изгуби помеѓу нашата решителност, храброст и Волја и сметам дека секоја Ѕвезда која што вистински сака да ја соблече одеждата на стариот еон ќе го најде својот Пат откривајќи ги и апсорбирајќи ги радостите на нашата Дама Нуит.

Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон.

Како човек со Ka неодамна осветлена од сјајот на Законот на Телема и покрај младоста на мојата аура, сметам дека сум доста компетентен и погоден да пренесам седум охрабрувачки пораки (совети) на секој кој што е заинтересиран, со добра волја и силна желба да пристапи во нашиот свет Ред познат под иницијалите О.Т.О. или Ordo Templi Orientis.

1. Законот е за Сите! Тој гласи:
„Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон“ ,
„Љубовта е закон, љубов под волја.“
Четири се неговите зраци: Живот (Life), Слобода (Liberty), Љубов (Love) и Светлина (Light)! Четири зраци кои произлегуваат од Еден Закон (Law). Овие пет L можете да ги најдете во „De Lege Libellum“, каде што е дадено објаснување за секој зрак што произлегува од Законот на Телема.
Тој нуди филозофско и практично решение за секоја религиозна и политичка енигма како и здраворазумска потпора на Човештвото и неговата потреба од религиозна и филозофска идентификација. Прифаќајќи го Законот на Телема, ја прифаќаме и поддржуваме Слободата на Човештвото и индивидуата како клетка – градбена единица во него! Со самата еволуција на Вашата свест и внатрешниот повик во Вас, Вие сте поканети и почестени архитекти на Универзумот, зарем Вашите пропорции на Вашиот Руах се прошириле и издигнале над Вашиот Гуф за да го одбивате повикот на Својот внатрешен глас?

2. Законот на природата е точен. Ќе напишам нешто од блиската историја, година 2014 кога со љубопитност ја проучував филозофијата на Законот на Телема и бев речиси изгубен во лавиринтите на нејзината Светост. Со оглед на тоа што бев во тинејџерски години и околностите во кој што го градев мојот живот – или во тоа време тој ме градеше мене, агонично се мачев лутајќи во староеонски филозофии не согледувајќи ги нивните езотерични знаења туку само испитувајќи ги нивните заповеди и криејќи се во позадината на нивното егзотерично уредување. Добро се сеќавам кога за прв пат таа година добив порака од Fra. Ασταφαίος во која што беше деветтиот стих од Книгата на Законот, од Второто поглавје, каде што се запишани зборовите на Хадит. Топло Ви препорачувам да медитирате врз тој стих, кога и да се најдете обземени од проповедта на било која магиска школа која што се осмелува да Ве учи дека животот е страдање, реалноста Maya, а вечноста црна Samsara за која што е потребна жртва за излез.

3. Законот нуди потпора (само доколку Вие ја барате), а и храброст за да се применува (доколку тоа Ви е по Волја). Покрај Телемитската литература која што ја имам читано, есеи и пасуси, артикли на интернет со цел да научам што повеќе за теоријата на Телема, премногу уживав во читањето на размислите на Fra. Ignis и Fra. Ασταφαίος, како и есеите на блогот Хептаграм XI, на кои, пред се како Телемит, премногу сум им благодарен поради несебичната помош и пример како витешки треба да се бориме против старо-еонските религии и оние што се осмелуваат да ја угнетуваат Слободата на Човекот денес. Можеби пак Вашиот идол лежи токму во Вас, Вашето трпение, Вашата нетолеранција кон нетолерантноста и Вашата умешност да го претставите Светлото на Телема во неговата вистинка суштина пред останатите?

4. Законот на Телема – религија или филозофска матрица?
Доколку се сретнете со овој проблем и се прашувате дали како Телемит, Вие сте религиозна личност, духовна личност или само филозоф или што уште не, што се јавува како потреба на човекот во својата духовна еволуција никогаш нема да направите грешка во било која титула да си ја дадете на самите себе согласно со вашата Волја. Како млад човек кој пронашол потпора во Законот на Телема, сметам дека водам религиозен живот и дека Телема е религија, но тоа не значи дека ова тврдење е апсолутно во вечноста или важи за секој Телемит. Со искреност ќе кажам дека ова тврдење за неколку месеци или години може да се промени преку надминување или со помош на некој Брат или Сестра или било кој друг човек Телемит или со Телемитски погледи кон животот.

5. Начинот на кој што Вие ја разбирате Телемата и нејзините доктрини зависи само од Вашите квалитети и пропорции на Вашиот Универзум. Можат да имаат допирна точка со орбитата на другите мажи и жени, но центарот кои што е насекаде и оганот кои што гори во сржта на Вашата Ѕвезда ќе ја пресмета апсолутната вистина само на бројот пресметан по Вашите методи и умешност.

6. Како Деца повикани под Ѕвезденото небо на Нуит, со допрена Ka од Ра-Хоор-Куит, слободно дадете си ја титулата „воини на Светлината“. Нека Сонцето секогаш го осветлува Вашиот пат и не дозволувајте им на негативата и црните превези да Ве загушуваат, држете се до Силите на Новиот-Еон, зашто напишано е:

„Тогаш знај, бидејќи човекот е роден во овој свет среде Мракот на Материјата, и судирот на спротивните сили; така неговото прво настојување треба да биде да го бара Светлото низ нивното помирување.“

исто е запишано и ова:

„Тогаш ти, кој имаш искушенија и тешкотии, радувај се поради нив, зашто во нив е Силата и преку нив е отворен патот кон тоа Светло.“
— Книга на Рамнотежата

7. Дружете се и радувајте се со Вашите Браќа и Сестри, одржувајте, воспоставете и негувајте ги контактите со секој кој што го прифатил Законот на Телема или било кој друг човек со Телемитски погледи кон животот. Кабалата, астрологија и многу други езотериски науки, ниту пак теоријата за философијата на Законот на Телема нема да направат подобри луѓе од Вас, за тоа сте одговорни Вие самите и начинот на кој што Вие ги разбирате симболите кои Ви ги нуди Законот на Телема и како ги искористувате истите во Вашиот живот.

Во овие седум точки се обидов да ги доловам моите едноставни разсмисли кои би требало да Ви го олеснат Вашето двоумење, со надеж дека ќе поттикнам повеќе позитивни размисли кај Вас во врска со Законот на Телема и Редот.
Седум како светиот број на планетата Венера и како збирот од буквите на нашата Мајка Бабалон!
Седум и како столбовите кои што таа ги изделка за кој што зборуваа мудреците во едно време:

„Премудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови,
ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја;
ги испрати слугите свои да огласат од градските височини:
„Кој е неразумен, да наврати тука!” И на малоумните таа им рече:
„Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила;
оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.”
— Изреки 9:1-6

Љубовта е закон, љубов под волја.

Fra. S.S.

Advertisements

One thought on “За отстранувањето на превезот

Коментарите се затворени.