Телема, Философија

За вистината – внатре или надвор?


Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон.

„What is Truth?
It is absurd to attempt to define it, for when we say that S is P, rather than S is Q or S is R, we assume that we already know the meaning of Truth. This is really why all the discussions as to whether Truth depends on external correspondence, internal coherence, or what not, neither produce conviction, nor withstand analysis. Briefly, Truth is an idea of a supra-rational order, pertaining to Neschamah, not to Ruach.“
— Мали Есеи кон Вистината, А. Кроули

Од истата философска книга на Кроули, каде што продолжува:

„Таа иста Вистина, која е Светлина, која се подразбира во секоја искра на Разбирливото, што е таа ако не Себството на Секој Човек? Таа е она кое го одредува секоe негово движење, она кое лежи најблиску до неговото срце и душа, и навистина претставува нивна главна пружина и бројчаник, принцип на одделување и на мерење.

Иницијацијата, етимолошки, е патување навнатре, Патешествие на Откривање (О Прекрасен Свет!) на сопствената Душа. И тоа е Вистината која стои на клунот од бродот, секогаш на готовс, тоа е Вистината која бдее и со силната рака ја крепи крмата!“
Извадок од „Мали Есеи кон Вистината“, А. Кроули

Текстов погоре каде што се говори за крмата и клунот, сигурно може да Ве одведе до „Поздрави на Сонцето, Liber CC“, како и дополнителните забелешки за истиот [линк].

Од тука следува и она разоткривање на чистата волја!
Не може Вие да се промените со прифаќање на Законот на Телема!

Сите имаме големи очекувања, да не речам надеж дека доволно е само да се поверува во нештото, да се прифати истото и се ќе биде подобро од тој момент.
НЕ! НЕ! НЕ!

Ова е исто како што и зборуваме за самата иницијација во животот. Таа иницијација само те поставува во системот, те отргнува од хаосот и ти задава почетни координати според моментот и околностите,  така и прифаќањето на Законот на Телема е еден вид на иницијација, поставување на една ѕвезда во системот на ѕвезди на која се чека да го започне својот бесконечен пат, сама, по своја волја.

Мора да живеете, да создавате по тој Закон кој што сте го прифатиле по своја волја.
И тогаш нема да се промените, само ќе се спознаете подобро и ќе ги растргнете мрачните превези на Вашата вистина која била извалкана од незнаење и недоволното искуство.

Ете за ова е дадено и во „Книгата на Законот“ книга без која е залудно било какво философирање за Законот:

„Тој што е праведен и ќе остане праведен; тој што е гнасен и ќе остане гнасен.
Да! не верувајте во промена: ќе бидете тоа што сте, а не друго. Затоа кралевите на земјата ќе бидат Кралеви засекогаш: робовите ќе служат. Нема никој што ќе биде понижен или воздигнат: сe е како што било секогаш…“
Liber AL vel Legis, II:57-58

Единствена вистина е таа: дека Вие само ќе се разоткриете себе си и ќе знаете зошто сте, колку сте, каде сте и како со сето тоа за да се надминете!
Тоа е Телема во општата форма. Тоа е Законот за секој што стапнал на оваа патека во Новиот Еон.
Потоа следува искористување на алатките на Законот на Телема што ги донесе истиот на Земјата, за Човештвото. Бидејќи ние како ѕвезди, сами по себе, сами за себе – сепак сме едно во бесконечната ноќ на Нуит.

И ниту еден бог (или било каков страшен симбол кој што ќе го смислат Црните Браќа, со кој се заплашуваше човекот на Земјата низ минатите векови), не е толку будала да застане на патот на нечие вистинско постоење, нечие вистинско дејствување.

Тоа е големата лага низ вековите.

„Начинот на кој што Вие ја разбирате Телемата и нејзините доктрини зависи само од Вашите квалитети и пропорции на Вашиот Универзум. Можат да имаат допирна точка со орбитата на другите мажи и жени, но центарот кои што е насекаде и оганот кои што гори во сржта на Вашата Ѕвезда ќе ја пресмета апсолутната вистина само на бројот пресметан по Вашите методи и умешност.“
За одстранувањето на превезот, Fra. S.S.

Интересно нели?
Големата вистина носи големи одговорности, не криење и барање спас од себе си,  не бара прошка од богови, не бара милост!

Од тука, продолжете сами да истражувате и нанадвор и навнатре!

Кога некој ќе Ви зборува за вистина каде е, што е и зошто е – секогаш почнувајте од Вас самите и Вашиот универзум што сами го создавате и проширувате со искуство низ бесконечностите на Нуит!
И ова што на блогот го читате, не го земјате здраво за готово. Ова се само едни размисли на човек, кој што постојано надминува!
Апсурдно? Не.

И оние кои стигнаа до крајот на есејов, никогаш не заборавајте:

Без вас, нема богови, нема демони, нема живот, нема ништо.
Бесценети сте, како ѕвезди на бесконечното небо.

Љубовта е закон, љубов под волја.

 

Advertisements