Мала лекција за оние што прашуваат


Дури и да ја проучувате Tелемата, за некои може и да биде религија, за некои философија, за други наука, за некои дури и се во едно од ова наброеното. Зошто да не… немаме ограничување на поимите тука.

Телемата е толку флексибилна колку што е флексибилно и Дрвото на Животот (а за него се вели дека содржи СЕ во себе и дека може да го виткате како сакате, кога сакате, колку сакате…). Се зависи од вашата умешност и знаење.

Некаде ќе прочитате како Телемата е философско-религиозна матрица и еден куп објаснувања во врска со ова. Некаде ќе прочитате дека е философија, некаде религија…

Јас велам да прочитате, да размислите (дали ќе медитирате, дали логички ќе расудувате тоа е ваше), потоа да пресудите и да видите како е да ги гледате сите како Кралеви и Ѕвезди. Друго е кога го гледате сончевиот систем од перспектива на Земјата, друго е кога сте вие Сонцето. Излезете од сенката на оваа планета! Мал совет!

Кроули убаво направил во своето време.

Го кренал показалецот кон човекот и рекол: Прави што ти е волја! Дознај која е твојата највнатрешна природа и задоволи го тој глад за соединување и искуство низ животот. Ниту еден бог нема да се откаже од тебе ако го спознаеш божественото во себе и се однесуваш божествено. Твоето највнатрешно скриено е богот кој што го бараш и кој што е дел од Нуит (универзум, бесконечност, хаос…, што сакате може да ви преставува Нуит. Само внимавајте да не ги измешате просторните ознаки, од тоа следува болка. Тоа е нагласено и во Книгата на Законот).

Или како што велам јас: Нека Хадит (ѕвездата која што гори во секое срце) ужива во бесконечните прегратки на Нуит (сферата чиј обем е бесконечен)

Сега. Мал одговор на оние што волјата (ако ја откриле) им налага да бидат во костец со сите што не размислуваат како нив.

Добро е тоа што сакате да разберете нешто повеќе за телемата (ако навистина сакате), но запаметете добро: јас не можам да Ви дадам на се одговор (не сум учител), мора да работите сами врз сопственото разбирање на сопствената чиста волја. Јас само по некоја случајност можам да имам некаков патоказ за оној што веќе решил да го оди патот кон/на својата чиста Волја!

Јас немам ништо со вашата волја и вашата љубов (за смрт или живот, без разлика).

Ако вашето највнатрешно има волја да следи старо-еонски богови, и вие верувате како тие чекаат да умрете за да ве судат што сте направиле на ова парче земја што се тркала низ бесконечните пространства на Нуит, повелете: Нека биде вашата волја, не мојата.
Ако мислите (поточно верувате) дека имате наследен грев: Нека биде вашата волја! Јас немам ништо со смртта!

Немам јас ништо со тоа и не можам и не смеам да ви се мешам во вашиот пат – погрешен или не.

Немате потреба да ги заморувате другите со вашето осудување и негодување (дури и со бедни прашања) на нивниот избран пат според нивната волја или пак барање причина да се убедите дека вие сте на вистинскиот пат со тоа што другите ќе ги убедувате како грешат извршувајќи си ја својата чиста волја неослабната од страста за резултат.

Затоа… научете дека „Секој маж и секоја жена е Ѕвезда“. Сите имаме орбити и простор за движење, само незнаењето создава хаос по патеката и судир со другите Ѕвезди.

“Сите зборови се свети и сите пророци вистинити, освен што тие разбираат малку.“- Книга на Законот

Единство потполно искажано!

Ја обожувам моќта на твојот здив,
Врховен и страшен Богу,
Кој чиниш боговите и смртта
Да треперат пред Тебе:
Јас, јас те обожувам!

Појави се на тронот на Ра!
Отвори ги патеките на Ку!
Осветли ги патеките на Ка!
Патеките на Кабс проаѓаат
Да ме вознемират или смират!
Аум! нека тоа ме убие!

Постои крај на зборот од Бог устоличен на тронот на Ра, осветлувајќи ги носачите на душата. – Книга на Законот, Глава III

П.С. Можев да поставам и цитати и коментари од нашите Телемитски философски книги – но сакав ова да биде јасен текст за сите кои на некој начин се заинтересирани за Телемата!

Advertisements