Книга на Законот

Преземено од  О.Т.О. Македонија

Liber AL
vel
Legis
sub figura
CCXX

како што е предадена од
XCIII = 418
на DCLXVI

Seal of A.'.A.'.

An Ixii Sol in Aries
March 21, 1938 e.v.

Приватно издадена од О.Т.О. BCM /ANKH

188 High Holborn, London W.C.1.

 

Поглавје I
1. Хад! Манифестација на Нуит.
2. Разоткривање на небесната заедница.
3. Секој маж и секоја жена е ѕвезда.
4. Секој број е бескраен; нема разлика.
5. Помогни ми, о воинствен господару на Теба, во моето разоткривање пред Децата на луѓето!
6: Биди ти Хадит, мој таен центар, мое срце и мој јазик!
7. Погледни тоа е разоткриено од Аиваз, пратеникот на Хоор-паар-краат.
8. Кабс е во Ку, а не Ку во Кабс.
9. Обожувај го тогаш Кабс и гледај ја мојата светлина прелиена врз тебе!
10. Нека бидат моите служители малубројни и тајни; тие ќе владеат со мнозинството и знајните.
11. Будали се тие што луѓето ги обожуваат; и нивните Богови и нивните луѓе се будали.
12. Излезете, о деца, под ѕвездите и исполнете се со љубов!
13. Јас сум над вас и во вас. Мојата екстаза е во вашата. Мојата радост е да ја гледам вашата радост.
14. Горе, бисерниот азур е
Голиот сјај на Нуит;
Таа се наведнува во занес да ги бакне
Тајните жештини на Хадит.
Крилестата топка, ѕвезденото синило
Се мои, О Анк-аф-на-консу!
15. Знајте сега дека избраниот свештеник и апостол на бесконечниот простор е принцот – свештеник Ѕверот; и во неговата жена наречена Скерлетна Жена е дадена сета моќ. Тие ќе ги соберат моите деца во нивната прегратка: тие ќе ја донесат славата на ѕвездите во срцата на луѓето.
16. Зашто тој секогаш е сонце, а таа луна. Но за него е крилестиот таен плам, а за неа надвиената ѕвездена светлина.
17. Но, вие не сте така избрани.
18. Гори над нивните чела, о сјајна змијо!
19. О, жено, со азурни клепки, свиј се над нив.
20. Клучот на ритуалите е во тајниот збор што му го дадов.
21. Со Богот и Обожувателот јас сум ништо: тие не ме гледаат. Тие како да се на земјата; Јас сум Небо и нема друг Бог освен мене, и мојот господ Хадит.
22. Сега, значи, јас сум ви позната по моето име Нуит, а нему по тајното име што ќе му го дадам кога конечно ќе ме спознае. Бидејќи сум Бескрајна Вселена и Безбројните Ѕвезди во неа, правете и вие така. Не ограничувајте ништо! Меѓу вас нека не се прави разлика помеѓу едно и кое било другo нешто; Оти оттаму следува болка.
23. Но, кој ќе успее во тоа, нека им биде водач на сите!
24. Јас сум Нуит, и мојот збор е шест и педесет.
25. Дели, собирај, множи и разбери.
26. Тогаш рече пророкот и роб на убавицата: Кој сум Јас, и што ќе биде знакот? Па таа му одговори, наведнувајќи се долу, треперлив оган од синило, седопирлив, сепродирлив, со нејзините мили раце на црната земја, и нејзиното витко тело надвиено за љубов, со нејзините нежни стапала не повредувајќи ги малите цветови: Ти знаеш! А знакот ќе биде мојата екстаза, свесностa за непрекинатост на постоењето, сеприсутностa на моето тело.
27. Тогаш свештеникот одговори и ѝ рече на Кралицата на Вселената, бакнувајќи ги нејзините убави веѓи, а росата од нејзината светлина го капеше целото негово тело во слаткомирислив парфем од пот: О Нуит, постојаност Небесна, нека засекогаш биде така; луѓето нека не говорат за Тебе како за Една туку како за Ниедна; и нека не говорат за тебе воопшто, затоа што ти си постојаност!
28. Ниедна, вдишувајќи пригушена и волшебна светлина на ѕвездите, и два.
29. Зашто јас сум раздвоена заради љубовта, за можноста на соединување.
30. Тоа е создавањето на светот, болката на раздвоеноста е како ништо, а радоста на растопувањето сѐ.
31. За овие будали меѓу луѓето и нивните јадови не грижи се воопшто! Тие чувствуваат малку; она што постои, урамнотежено е со слаби радости; но вие сте мои избраници.
32. Слушајте го мојот пророк! следете ги искушенијата на моето знаење! барајте ме само мене! Тогаш радостите на мојата љубов ќе ве искупат од сета болка. Тоа е така: Се колнам со сводот на моето тело; со моето свето срце и јазик; со сѐ што можам да дадам, со сѐ што сакам од сите вас.
33. Тогаш свештеникот падна во длабок транс или бесвест, и ѝ рече на Кралицата на Небото; Напиши ни ги искушенијата; напиши ни ги ритуалите; напиши ни го законот!
34. Но таа рече: искушенијата не ги пишувам: ритуалите ќе бидат половина познати а половина прикриени: Законот е за сите.
35. Ова што го пишуваш е триделната книга на Законот.
36. Мојот писар Анк-аф-на-консу свештеникот на принцовите, нема ни за една буква да ја измени оваа книга; за да нема глупости, тој ќе ја коментира со мудроста на Ра-Хоор-Куит.
37. Така и мантрите и волшепствата; обиа и ванга; делото на стапот и делото на мечот; за тие ќе учи и подучува.
38. Тој мора да подучува; но тој може да ги направи искушенијата строги.
39. Зборот на Законот е Θελημα.
40. Кој нѐ нарекува Телемити нема да згреши, само ако подобро погледне во зборот. Зашто во него се Три Степени, Пустиник, Љубовник и човек на Земјата. Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон.
41. Зборот на Гревот е Ограничување. О мажу! Не одбивај ја твојата жена, ако ѝ е волја! О љубовнику, ако ти е волја, напушти! Не постои врска што ќе ги соедини разделените освен љубовта: сè друго е проклетство. Проколнат! Проколнат нека биде со еони! Пекол.
42. Нека биде таа заедница на мноштвото врзана и презрена. Така и со сè твое; ти немаш право освен да ја вршиш својата волја.
43. Прави го тоа, и никој нема да ти каже не.
44. За чистата волја, неослабена од причина, ослободена од страста за резултат, секој пат е совршен.
45. Совршен и Совршен се еден Совршен, а не два; не, не се ниту еден!
46. Ништо е тајниот клуч на овој Закон. Шеесет и еден Евреите го нарекуваат; јас го нарекувам осум, осумдесет, четиристотини и осумнаесет.
47. Но, тие ја имаат половината: соедини со твојата вештина така што сè ќе исчезне.
48. Мојот пророк е будала со неговото еден, еден, еден; зар не се тие Вол, и ниту еден по Книгата?
49. Поништени се сите ритуали, сите искушенија, сите зборови и знаци. Ра-Хоор-Куит го зазеде своето седиште на Исток за време на Рамноденицата на Боговите; и нека Асар биде со Иса, кои исто така се едно. Но тие не се од мене. Нека Асар биде обожувател, Иса страдалник; Хоор во неговото тајно име и сјај е Господ што иницира.
50. Треба да се каже некој збор за Хиерофантската задача. Погледни! Три искушенија се во едно и можат да бидат дадени на три начина. Грубиот мора да помине низ оган; финиот нека биде проверен умствено, а возвишените избраници во највисокото. Така имате ѕвезда и ѕвезда, систем и систем; нека едното не го познава добро другото!
51. Четири порти водат кон една палата; подот на таа палата е од сребро и злато; лапис лазули и јаспис се таму; и сите ретки мириси; јасмин и роза, и симболите на смртта. Нека тој влезе наизменично или одеднаш на четирите порти; нека застане на подот од палатата. Нема ли да потоне? Амн. О! воину, ако твојот слуга потоне? Но, постојат начини и начини. Затоа бидете отмени: облекувајте се сите во убава облека; јадете богати јадења и пијте благи вина и вина што се пенат! Исто така, исполнете се со љубов по волја, како ви е волја, кога, каде и со кого ви е волја! Но секогаш за мене.
52. Ако ова не биде правилно; ако ги измешате просторните ознаки, зборувајќи: Тие се едно; или зборувајќи, Тие се многу; ако ритуалот не биде секогаш за мене: тогаш, очекувајте ги стравотните осуди на Ра- Хоор-Куит!
53. Тоа ќе го обнови светот, малиот свет мојата сестра, моето срце и мојот јазик, кому му го праќам овој бакнеж. Исто така, о писару и пророку, иако си ти од принцовите, тоа нема да ти олесни ниту да те ослободи. Но, нека биде екстазата твоја и радоста земска: секогаш Кон мене! Кон мене!
54. Не менувај ја дури ниту формата на буквите; оти гледај! ти о пророку, нема да ги согледаш сите мистерии скриени во нив.
55. Детето на твојата утроба, тој ќе ги согледа.
56. Не очекувај го ниту од Исток ниту од Запад; зашто од неочекувана куќа доаѓа тоа дете. Аум! Сите зборови се свети и сите пророци вистинити; освен што тие разбираат малку; реши ја првата половина од равенката, втората остави ја недопрена. Но, ти имаш сè во јасна светлина, и нешто, иако не сè, во темнина.
57. Призивајте ме под моите ѕвезди! Љубовта е закон, љубов под волја. И не дозволете им на будалите погрешно да ја сфатат љубовта; зашто има љубов и љубов. Постои гулаб, и постои змија. Одберете добро! Тој, мојот пророк, одбра, познавајќи го законот на тврдината и големата мистерија на Божјата Куќа. Сите овие стари букви од мојата Книга се правилни; но צ (Цади) не е Ѕвездата. Тоа исто така е тајна: мојот пророк ќе им ја открие на мудрите.
58. Јас давам незамисливи радости на земјата: сигурност, не верба, за животот, над смртта; мир неискажан, одмор, екстаза; ниту пак барам некакви жртви.
59. Мојот мирис е од смолести дрвја и гуми; и нема крв во него: поради мојата коса дрвјата на Вечноста.
60. Мојот број е 11, како и броевите на тие што се наши. Петокрака Ѕвезда, со Круг во Средина, а кругот е Црвен. Мојата боја е црна за слепите, но сина и златна гледаат тие што имаат вид. Исто така јас имам скриена слава за тие кои ме љубат.
61. Но, да ме сакаш подобро е од сите нешта: ако под ноќните ѕвезди во пустината го запалиш сега мојот мирис пред мене, призивајќи ме со чисто срце, и со Змиски пламен во него, ќе дојдеш да легнеш малку на моите гради. За еден бакнеж тогаш ќе бидеш волен да дадеш сè; но секој што ќе даде еден дел од правот ќе загуби сѐ во тој час. Ќе собирате добра и обилство на жени и мирудии; ќе носите скапоцен накит; ќе ги надминете нациите на земјата во сјајот и гордоста; но секогаш сакајќи ме, и така ќе дојдете до мојата радост. Срдечно ви наложувам да дојдете пред мене во единствена одежда, со раскошна наметка на глава. Јас ве љубам! Јас копнеам по вас! Бледа или пурпурна, прекриена или сладострасна, јас која сум цела задоволство и пурпур, и опиеност на најинтимното чувство, ве посакувам. Наметнете крилја, и разбудете го свиениот сјај во себе: дојдете кон мене!
62. На сите мои средби со вас свештеницата ќе говори – а нејзините очи ќе пламтат со страст додека стои гола и радосна во мојот таен храм – Кон мене! Кон мене! призивајќи го пламенот во срцата на сите со нејзината љубовна песна.
63. Пеј ми ја восхитната љубовна песна! За мене пали мириси! За мене носи скапоцени камења! За мене пиј, зашто те љубам! Те љубам!
64. Јас сум ќерката на Зајдисонцето со сини клепки; јас сум голата брилијантност на сладострасното ноќно небо.
65. Кон мене! Кон мене!
66. Манифестирањето на Нуит е при крај.