Магика, Телема, Философија

За Смртта


Возљубена Ќерко и Сестро,

Прави што ти е волја нека биде целиот Закон.

Запишано е во Книгата на Законот: Секој маж и секоја жена е Ѕвезда. Нашата Ѕвездена Дама е онаа која ти се обраќа, о дека ти си ѕвезда, дел од Телото на Нуит. Послушај, бидејќи ушите ти се отапени од безначајните звуци на земјата; бесконечната тишина на Ѕвездите ти се додворува со префинета музика. Погледни ја како се наведнува над тебе, пламен од синило, седопирлив, сепродирлив, со нејзините мили раце на црната земја и нејзиното витко тело надвиено за љубов, со нејзините нежни стапала не повредувајќи ги малите цветови и помисли дека сета твоја груба непрочистеност ќе отпадне од тебе во мигот кога ќе се фрлиш во нејзините прегратки, опфатена од нејзината љубов како капка роса во бакнежите на изгрејсонцето.(1)

Зарем не е екстазата на Нуит свесност за непрекинатоста на постоењето, сеприсутност на нејзиното тело? Се што те повредувало било она кое не си го познавала, како што тоа бледнее од тебе ќе знаеш како никогаш дека се е едно. И пак, таа кажа:

Јас давам незамисливи радости на земјата: сигурност, не верба, за животот, над смртта.

Ату XIII - Смрт, Тот Тарот
Ату XIII – Смрт, Тот Тарот

Ова си го знаела. Времето кое ги јаде своите деца нема моќ над оние кои не сакаат да  бидат деца на Времето. За оние кои се познаваат себеси како бесмртни, кои живеат во  вечноста, свесни за Нуит, на нејзиниот престол на кочијата на сонцето, нема смрт каква  што луѓето ја нарекуваат смрт.

Во целиот универзум темнината се наоѓа само во сенките на една груба и проста планета,  каква што беше за миг; самиот универзум е поплава од вечна светлина. Значи исто така  смртта е можна само преку несреќа; си се скрила себеси во сенката на твоето грубо тело и,  сметајќи го за стварност, си треперела.

Но, кругот се врти повторно; сенката одминува од тебе. Разложувањето, и вечната екстаза  се во бакнежите на Ну. Бидејќи како што си го прифатила за свој Законот на Слободата,  како што си живеела во Светлина и Слобода и Љубов, така си станала и Слободен Човек  во Градот на Ѕвездите. Наслушни го повторно сопствениот глас во себе.

Зарем не е Хадит пламенот што гори во срцето на секој човек и во јадрото на секоја ѕвезда? Зарем Тој не е Живот и дарител на Живот? И зарем неговото спознавање не е спознавање на Смртта? Бидејќи досега веќе ти е покажано на многу други места дека Смртта и Љубовта се близначки. Во мигов си ловец, и Смртта јава покрај тебе на нејзиниот ат со копје додека ја збодинаш твојата Волја низ шумите на Вечноста; чии дрвја се косата на Нуит твојата господарка! Затрепери со радоста на животот и смртта!

Знај, ловецу силен и брз, пленот се свртува да се соочи со тебе!
Се што треба да направиш е само еден остар удар нанапред и победата е твоја. Девицата на Вечноста лежи покорна на грб пред твојата милост, а и ти си Пан! Твојата смрт ќе биде печат на ветувањето за нашата вечна љубов. Зарем не си се стремела кон најскришното во себе?
Смртта е круна на се. Поцврсто! Држи се! Крени ја својата глава! Не диши толку длабоко – умри!

Дали сеуште си замрсена во трњата од џбунот на дива роза кои си ги вткајала во својот магичен танц по земјата? Зарем твоите очи не се доволно силни да ја издржат светлоста на ѕвездите? Мораш ли да се колебаш додека си сеуште во долината? Мораш ли да денгубиш со сенките на зајдисонце? Тогаш, ако тоа е твоја волја, немаш никакво право освен да правиш што ти е волја!

Сакај ги сеуште овие призраци на земјата; си направила крал од себе; ако те прави среќна да си играш со играчки од материја, зарем тие не се направени да му служат на твоето задоволство? Тогаш следи ги во својот ум чудесните зборови од самата Стела на Откровението. Врати се ако тоа ти е волја од пребивалиштето на ѕвездите, живеј смртно и насладувај се. Затоа што во овој ден си прогласена за Господар на Небото и Земјата.

Љубовта е закон, љубов под волја

1. Нуит, Стела на Откровението, предна страна.