Кабала, Телема, Философија

За Атеистите и Адептите и „барањето“ на Бог


Има три вида на Атеисти.

  1. Ништожен глупак. (Често е многу вешт, како што биле Болингброк, Бредло и Фут). Тој открил една од малите тајни, ја прегрнал и ги презира сите оние кои гледаат повеќе од него, или кои ги набљудуваат работите од различно гледиште. Затоа тој обично е вообразен фанатик, нетолерантен и кон самата толеранција.
  2. Очаен бедник, кој барајќи го Господ насекаде и не наоѓајќи го, мисли дека сите се слепци како него и дека ако тој не успеал – баш тој, трагачот по вистината! – тоа е затоа што не постои цел. Во неговиот плач има болка, додека кај ништожниот глупак има самозадоволство и надуена горделивост. Обајцата имаат заболено Его.
  3. Филозофски адепт, кој спознавајќи го Бога вели „Не постои Бог”, мислејќи „Бог е Нула”, каков што и Е кабалистички. Тој се држи до атеизмот како до филозофска теорија која е исто толку добра колку и другите и малку е веројатно дека ќе го заведе човештвото, или дека ќе направи некоја друга практична штета како што може да се направи со другите теории. Него може да го препознаете по неговиот ентузијазам, сталоженост и посветеност. Повторно упатувам на Liber 418 заради објаснување на оваа мистерија. Деветте религии се крунисани со прстенот на адептите, чија лозинка е „Не постои Бог”, и толку е искривена што дури и Магистерот, кого тие ќе го прифатат, нема мудрост за да ја протолкува.

  1. Г. Доу К. С: „Господине, јас учтиво тврдам дека не постои такво суштество како паун“.
  2. Едип од Колон: „Ох! не постои Сонце! Јас, дури и Јас го барав и не го најдов“.
  3. Dixit Stultus in corde suo: „Ain Elohim”! (Бог е Ништо)

Постои и четврт вид на атеист кој всушност и не е атеист. Тој е само патник во Земјата на Не-Бог и знае дека тоа е само фаза во неговиот пат – фаза која не е премногу оддалечена од целта. Даат не е на Дрвото на Животот; и во Даат нема Бог каков што има во Сефиротите, зашто Даат не може воопшто да го сфати единството. Ако мисли за него, мисли за да го мрази како единствена работа која тој сигурно не е (види Liber 418, 10-ти Етир. Патем можам да споменам дека таа книга е најдобра што ми е позната за Напредната Кабала и се разбира, таа е разбирлива само за Напредни Студенти).

Овој човек, кој не е постојан атеист, туку моментален (на поминување), е многу погоден субјект за иницијација. Тој раскрстил со илузиите на догмата. Од Витез на Кралската Мистерија тој се издигнал за да разбере со членовите на Врховното Светилиште дека сѐ е симболично; сѐ е, ако сакате, Жонглирање на Магичарот. Тој е уморен од теории, теолошки системи и слични такви играчки; и бидејќи е заморен, гладен и жеден бара место на Масата од Адептите, парче Леб од Спиритуалното Искуство и голтка вино на Екстазата.

Сега е веќе сосема јасно дека Аспирантот бара решение на големиот Проблем. Тој како и многу разни Школи на Адепти може да го сфати овој проблем во три главни форми.

  1. Не сум Бог. Сакам да станам Бог. Ова е хинду концепција
    Јас сум Малкут. Сакам да станам Кетер. Ова е кабалистичкиот еквивалент.
  2. Јас сум паднато суштество. Сакам да бидам искупен. Ова е христијанска концепција.
    Јас сум Малкут, паднатата ќерка. Сакам да бидам поставена на тронот од мојата божествена мајка Бинах. Ова е кабалистичкиот еквивалент.
  3. Јас сум конечен квадрат; сакам да бидам едно со бесконечниот круг. Ова е несекташка концепција.
    Јас сум Крст на Ширењето; сакам да станам едно со бесконечната Роза. Ова е кабалистички еквивалент.

Одговорот на Адептот, на првата форма на проблемот, за хиндусот е „Ти си Тоа” (види го претходното поглавје „Јоги”) за кабалистот „Малкут е во Кетер и Кетер е во Малкут”, или „Она што е горе е исто со она што е долу” или едноставно „Јод”. (Темелот на сите букви, кој го има бројот 10 и затоа го симболизира Малкут). Одговорот на Адептот на втората форма на проблемот, за христијанинот е сето познато учење од Песната над Песните и она што се однесува на Христовата Невеста од Апокалипсата.

За кабалистот тоа е долга сложена догма која може да биде студирана во Зохар и на други места. Инаку, тој едноставно може да одговори „He” (буквата на мајката и на ќерката во IHVH). Види Liber 418 за подолга беседа за оваа симболична база. Одговорот на Адептот за третата форма на проблемот е даден преку Пи, што имплицира дека мора да се примени бесконечен фактор.

П.С. Тајните на Адептите не им се откриваат на луѓето. Ние само би сакале тоа да беше можно. Кога ќе ми дојде човек и ме запраша за Вистината, јас заминувам да подучувам некој бушман на диференцијални равенки; па ќе му одговорам на првиот кога ќе успеам со вториот!

Извадок од „Liber 777 и други кабалистички списи“, достапна на македонски јазик.