Кабала

За Клифот (קליפות)


Автор: С.

Најраната Кабала (קַבָּלָה) вели дека пред создавањето на духовниот и физичкиот свет, Аин Соф (“Без Крај”) – иманентното Божествено, едноставно ја исполнувало целата реалност. Во еден мистичен облик на Божествено само-откровение, Аин Соф Аур (“Бескрајна Светлина”) сјаела во Аин Соф. Средновековните Кабалисти понатаму сметале дека на самиот почеток од Создавањето, од Аин Соф се појавиле 10-те сефири како Божествени атрибути на еманентно постоење. Проблемот со конечно создавање кое се појавува од Бесконечност било делумно решено преку безброј последователни цимцум (צמצום‎) сокривања/контракции/превези на Божественото изобилство надолу низ Четирите Светови, со постепено се помали интензитети. Во секој стадиум, апсорбираниот тек создавал светови и ги пренесувал остатоците на пониските нивоа.

За Исак Лурија, овој причинско-последичен синџир не бил конечно решение за проблемот, бидејќи бесконечните квалитети на Аин Соф Аур, дури и ако се подложат на безброј превези/контракции, сепак ќе спречат конечно постоење. Лурија ја надградил доктрината на Цимцум со едно примордијално Само-Повлекување на Божеството за да “направи простор” за Создавањето кое следи. Ова ги помирува Бесконечноста на Бог со конечноста на Создавањето, спречувајќи ги создадените светови да бидат поништени во непостоење, во рамките на нивниот извор. Тој предложил еден почетен, радикално примордијален Цимцум пред Создавањето, само-повлекување на Божеството.

Во средината на Аин Соф, повлекувањето создало метафоричен (не-просторен) вакуум или празен простор, во кој можело да се случи Создавањето. “Вакуумот” не бил целосно празен, бидејќи во него останал мал “впечаток” од претходната Реалност. Во “вакуумот” потоа светнала една нова светлина, “линија”, тенок продолжеток од првобитната Бескрајна Светлина, а која станала извор на целото последователно Создавање. Иако и самата била бесконечна, оваа нова виталност била радикално различна од изворната Бескрајна Светлина, бидејќи била потенцијално прилагодена за ограничената перспектива на Создавањето. Овој Цимцум овозможил бесконечните особини да се повлечат во Аин Соф, а да се појават потенцијално конечните особини.

“Линијата” која блескала во средината на “вакуумот” потоа опфатила 10 “концентрични кругови” кои ги формирале сефирите, овозможувајќи на Светлината да се појави во нивната различност. Откако сефирите се појавиле во овие садови, тие дејствувале како 10 независни “кружни” сили, Кхесед бил спротивставен на Гевура и така натаму. Оваа состојба, Светот на Хаос, предизвикал една космичка катастрофа во Божјото царство. Тоху (Хаос) се карактеризирал со висока Божествена Светлина во слаби, незрели и неускладени садови. Како што Божествената светлина се излевала во првите интелектуални сефири (Кетер и Хокма), нивните садови биле доволно блиску до изворот за да го содржат изобилството на виталност. Како и да е, прелевањето продолжило и поради интензитетот на светлината, последователните емоционални сефири од Бина до Јесод се скршиле (“Кршење на Садовите”). Последната сефира Малкут останала делумно здрава како изгонетата Шекина (Женска Божествена иманентност) од Создавањето. Остатоците од скршените садови паднале надолу низ световите и најнижите фрагменти најпосле завршиле во нашиот материјален свет, како храна за нечистите светови на клифот (Школките).

Клифот или Келипот (еврејски קליפות, различниот изговор се однесува на Херметичката и Еврејската Кабала, соодветно) буквално значи “Лушпи”, “Школки” или “Кори”, во еднина: קליפה, Клифа или Келипа, “Кора”). Како што видовме погоре од древната и подоцна Луријанската Кабалистичка космологија, Келипот се метафорички “школки” кои го обвиткуваат светото.

Тие се духовни пречки кои го примаат своето постоење од Бог само на надворешен, наместо внатрешен начин. Школките ја сокриваат светоста, како што кората го сокрива овошјето внатре. Оттука тие се синоним за идолопоклонство, коренот на нечистотијата преку припишување лажен дуализам на Божеството и постојат од “Другата Страна”во свет спротивен на она што е свето.

Како што видовме, тие се појавиле како дел од целта на Создавањето, заради што исто можеби имаат и корисни својства, како што кората го штити овошјето, спречувајќи растурање на Божествениот тек.

Кристијан Кнор фон Розенрот во неговата Kabbala Denudata (1684) (преведена како Разоткриена Кабала од страна на МекГрегор Метерс) овие сили ги изедначува со Кралевите од Едом, во едно езотеричното толкување од Постанок и Хроники за 8-те Кралеви на Едом кои владееле пред кој било Крал во Израел. Во последователната традиција, Клифот се толкувале како мистични светови и ентитети, соединети со идеи кои потекнуваат од демонологијата. Оваа тенденција за поистоветување на Клифот со бестелесни “демони” е суеверие кое требало одамна да се отфрли во депонијата за средновековно незнаење. Но, за жал тоа преживува до денес благодарение на вродениот страв од темнина, во комбинација со испревртени доктрини на примитивните теолози и спиритуалисти. Најдобриот начин е можеби да се сфатат како атавистички резидуи кои се надраснати и со право би требало да бидат отфрлени, иако не се, или пак задржале некаков сопствен живот. Со јазикот од Светите Книги на Телема, светот на Школките е едноставно профаниот свет на неиницираните, “будалестиот свет”, “светот на старата сива земја”.

20. Нека биде скоро, о Боже, мој Боже! Копнеам по Тебе, скитам осамен меѓу лудиот народ, во сивата земја на пустошот.  – Liber VII, III:20

Можеби најголемиот камен на сопнување во Иницијацијата е фасцинацијата со Фаталната Слика на Природата, што е прикладно име за профаниот свет на Школките. На почетокот од инкарнацијата, почнуваме процес на интеграција со светот кој нѐ опкружува. Како млади луѓе, се трудиме “да го најдеме своето место во светот” и да прераснеме од деца во возрасни. Се разбира, добро балансираниот возрасен човек мора темелно да биде заземјен во светот. Иако овој процес е од животно значење, Аспирантот кој ја искажал својата Вистинска Волја да го изведе Големото Дело мора да почне да прави разлика меѓу илузорните и вистинските компоненти на нивниот светоглед, што почнува преку сериозно само-испитување. Подготвување на магискиот Стап, симбол за Волјата, вклучува отстранување на непотребната кора која го опкружува чистото дрво, а претходно видовме дека зборот Клифот буквално значи “кора, лушпа”.

Тенденција на егото целосно да се поистовети со Фаталната Слика е огромна бидејќи тоа е природен процес инхерентен за инкарнацијата. Како млад Аспирант бев фасциниран од еден дијалог во филмот Шоуто на Труман (1998), кога еден од главните ликови Кристоф им објаснува на гледачите: “Ја прифаќаме реалноста на светот која ни е претставена.” Поттикот на Сопството е она што постојано се обидува да ја поколеба рамнотежата и да нѐ потсети дека не сме само суштества од месо, туку и од Дух. Во истиот период кога го гледав Шоуто на Труман, исто така се појави и филмот Матрикс (1999), каде во почетниот дијалог на Морфеус (прикладно, Бог на Сонот и Спиењето) со Нео се вели: “Дозволи ми да ти кажам зошто си овде. Овде си бидејќи знаеш нешто. Не можеш да го објасниш она што го знаеш, но го чувствуваш. Го чувствуваше целиот свој живот, дека нешто не е во ред со светот. Не знаеш што, но постои таму, како шпица во твојот ум која те излудува.”

55. Тогаш нека се разбуди Крајот. Долго спиеше, о голем Богу Терминус! Долго чекаше на крајот од градот и неговите патишта. Разбуди се! не чекај повеќе! – Liber LXV, II:55

Потоа Нео како модерна Алиса поминува од “онаа страна на огледалото”. Овде се потсетуваме на уште едно магиско оружје, Огледалото, кое примарно се носи како предупредување за грешката на суета и само-измама. Оние кои ќе станат жртви на примамливата Фатална Слика на Природата “се заљубуваат” во погрешна слика за себеси, со што отпаѓаат од патот на Иницијацијата. Оваа опасност се појавува во Алхемиските илустрации во облик на сирена која држи огледало на лажен одраз, заведувајќи со една инфлатирана односно лажна слика. Познавам многу Аспиранти кои беа заведени од последната манифестација на овој архетип, оној на атеизмот сфатен како фундаменталистички материјализам. Со зборовите од еден исто така култен филм, Мрачниот Град (1998), каде главниот протагонист во последните сцени зборува со вонземјанинот Господин Рака: “Tаа личност не беше јас… никогаш не била. Сакавте да знаете што е тоа кое нѐ прави луѓе. Епа, нема да го најдете… [покажува кон својата глава]… овде. Баравте на погрешно место.”

Привлечноста на светот е силна, но не треба да се заборави дека имаме слободна волја, односно избор. Со зборовите на Архитектот од вториот дел на Матрикс: Одново Вчитан (2003): “…речиси 99% од испитаниците го прифатија програмот само ако им беше даден избор – дури и ако беа свесни за него на речиси несвесно ниво.”

Презентираните цитати од филмови отсликуваат (само) субјективни прихолошки состојби во една алтернативна реалност, а не објективна реалност од нашето секојдневие. Го кажувам ова наместо последно предупредување дека, како и да е, не смееме да ја загубиме перспективата и да застраниме во друга крајност додека го изведуваме Големото Дело. Мора да живееме во светот, со сите негови проблеми и опасности, а сепак да ги балансираме духовниот и световниот живот.

Да, викна Светиот, и од Твојата искра јас Господ ќе поттикнам голема светлина; ќе согорам преку сивиот град во старата и опустошена земја; ќе ја исчистам од нејзината голема валканост. Liber LXV, V:4.