Магика, Телема, Философија

Заробениот Лав


Еден лав бил фатен и затворен во логор каде што, на свое големо изненадување, нашол други лавови што веќе со години биле таму, а некои дури и се родиле во логорот.

Новодојденецот бргу се запознал со општествените активности на лавовите во заробеништво. Уште веднаш забележал дека тие биле поделени на групи.
Една група била со лавови што сакале само да се забавуваат, друга се занимавала со култура и работела на организирање на претстави, трета ги изработувала костимите за втората, четврта пишувала приказни, легенди и преданија од времето кога лавовите се уште биле слободни.

Имало религиозни групи што пееле трогателни песни и чекале да умрат за да отидат во Големата Савана каде што нема огради. Во некои групи членувале уметници и книжевници. Имало и по некоја револуционерна група во кои што членувале оние што сакале да кренат востание против оние што ги држеле зад оградата, во заточеништво.
Некои групи се бореле меѓу себе.
Од време на време се случувала и по некоја револуција или некоја ситна војна помеѓу две или повеќе групи. Но секогаш стражарите биле заменувани со нови, а оградата си останала на своето место.

По некое време во логорот, новодојдениот лав здогледал еден лав што навидум постојано бил задлабочен во своите мисли, лав што со погледот како да талка далеку зад оградата, осаменик што не припаѓал на ниту една група и најчесто се држел подалеку од другите. Во стариот лав новодојденецот препознал нешто чудно, нешто на што не можел да му даде име, но во ист момент тоа нешто будело во него и восхит и страв. Восхит поради величественоста на погледот, страв поради она што го сокрива тој поглед.

Еден ден, тој му се обратил на новодојденецот:

„Не се придружувај на ниту една група.
Овие кутри будали вложуваат толку напор во сè, само не во она што е битно.“
„А што е битно?“ прашал новодојденецот.
„Проучувањето на потеклото и суштината на оградата.“