Телема

Законот на Слободата – Liber DCCCXXXVII


Freedom AA OTO
 

Прави што ти е волја и тоа нека биде целиот Закон

I

Често ме прашуваат зошто ги започнувам моите писма на овој начин. Без разлика дали и пишувам на мојата дама или на мојот касап, секогаш започнувам со овие единаесет зборови. Зошто, како инаку би требало да започнам? Кој друг поздрав би бил толку мил? Види, брату, ние сме слободни. Радувај се со мене, сестро, не постои закон над Прави што ти е волја!

II

Го пишувам ова за оние кои не ја прочитале нашата Света книга, Книгата на Законот, или за оние кои, читајќи ја, некако не успеале да ја разберат нејзината совршеност. Бидејќи има многу работи во оваа Книга, и Милите Вести се сега овде, па таму, расфрлани низ Книгата како што Ѕвездите се расфрлани низ полето на Ноќта. Радувајте се со мене, сите вие луѓе! На самиот почеток на Книгата стои големата повелба на нашиот бог:

„Секој маж и секоја жена е ѕвезда“.
– AL, I:3

Сите ние сме слободни, независни, сите светиме славно, секој свој блескав свет. Не се тоа добри вести?

Потоа доаѓа првиот повик од Големата Божица Нуит, Дамата на Ѕвезденото Небо, која е исто така и Материjа во нејзината најдлабока метафизичка смисла, која е бесконечност во која сите ние живееме и се движиме и постоиме. Слушнете го нејзиниот прв повик кон нас мажите и жените:

„Излезете, о деца, под ѕвездите и исполнете се со љубов!
Јас сум над вас и во вас.  Мојата екстаза е во вашата. Мојата радост е да ја гледам вашата радост.“
– AL, I:12-13

Потоа Таа ја објаснува мистеријата на тагата:

„Зашто јас сум раздвоена заради љубовта, за можноста на соединување.
Тоа е создавањето на светот, болката на раздвоеноста е како ништо, а радоста на растопувањето сè.“
– AL, I:29-30

Потоа е покажано како е ова можно, како самата смрт е екстаза како љубов, но многу посилна, соединувањето на душата со нејзиното вистинско себство.

И кои се условите на оваа радост, и мир, и слава? Дали е тоа сивиот аскетизам на Христијанството, и Будистот, и Хиндуистот? Дали ние одиме низ вечен страв за да некаков „грев“ нè оддели од „божји дар“? Во никој случај.

„Затоа бидете отмени: облекувајте се сите во убава облека; јадете богати јадења и пијте благи вина и вина што се пенат! Исто така, исполнете се со љубов по волја, како ви е волја, кога, каде и со кого ви е волја! Но секогаш за мене.“
– AL, I:51

Ова е единствената точка која мора да се има на ум, дека секој акт мора да биде ритуал, акт на обожување, сакрамент.
Живејте како кралевите и принцевите, крунисани и некрунисани, на овој свет, како што одсекогаш живееле, како мајсторите отсекогаш живееле, но нека не биде тоа само себе-задоволување; направи го твоето себезадоволување твоја религија.
Кога пиеш и играш и се радуваш, ти не си „неморален“, ти не ја „ризикуваш својата бесмртна душа“; ти ги исполнуваш принципите на нашата света религија под единствен услов да ги гледаш своите акции преку ова светло. Не се понижувајте себе си и не ги уништувајте и не ги правете евтини вашите задоволства со напуштање на врвното задоволство, свесноста на Мирот кој што го надминува разбирањето. Не ја прегрнувајте простум Марија или Мелујзина; таа е Самата Нуит, посебно концентрирана и инкарнирана во човечка форма за да ти даде бесконечна љубов, да ти понуди вкус дури на земјата од Еликсирот на Бесмртноста.

„Но, нека биде екстазата твоја и радоста земска: секогаш Кон мене! Кон мене!“
– AL, I:53

Повторно Таа зборува:

„ Љубовта е закон, љубов под волја“.
– AL, I:57

Чувајте го чист вашиот највисок идеал; стреми се секогаш кон него не допуштајќи ништо да те сопре или да те оттргне настрана; исто како што ѕвезда се лизга на нејзиниот непресметлив и бесконечен курс на слава, и сè е Љубов.
Законот на твоето постоење станува Светлина, Живот, Љубов и Слобода.
Сè е мир, сè е хармонија и убавина, сè е радост. Затоа слушни, колку дарежлива е Божицата:

„ Јас давам незамисливи радости на земјата: сигурност, не верба, за животот, над смртта; мир неискажан, одмор, екстаза; ниту пак барам некакви жртви.“
– AL, I:58

Нели е ова подобро отколку смртта во живот на робовите на Ропските Богови додека одат угнетени од свесноста за „грев“ уморно барајќи или имитирајќи заморени и досадни „доблести“?

Со таквите, ние кои сме го прифатиле Законот на Телема немаме ништо. Ние го слушнавме Гласот на Ѕвездената Божица:

„Јас ве љубам! Јас копнеам по вас! Бледа или пурпурна, прекриена или сладострасна, јас која сум цела задоволство и пурпур, и опиеност на најинтимното чувство, ве посакувам. Наметнете крилја, и разбудете го свиениот сјај во себе: дојдете кон мене!“
– AL, I:61

И вака Таа завршува:

„ Пеј ми ја восхитната љубовна песна! За мене пали мириси! За мене носи скапоцени камења! За мене пиј, зашто те љубам! Те љубам!
Јас сум ќерката на Зајдисонцето со сини клепки; јас сум голата брилијантност на сладострасното ноќно небо.
Кон мене! Кон мене!“
– AL, 63-65

И со овие зборови:

 „Манифестирањето на Нуит е при крај.“
– AL, I:66

III

Во следното поглавје од нашата книга е даден зборот на Хадит, кој е комплемент на Нуит. Тој е вечна енергија, Бесконечно Движење на Работите, срж на сето постоење. Манифестираниот Универзум доаѓа од бракот на Нуит и Хадит; без ова ништо не може да биде. Овој вечен, овој непрекинат брак затоа е природата на работите сами по себе; и затоа се што е, е кристализација на божествена екстаза.

Хадит ни зборува за Себе:

„ Јас сум пламенот што гори во срцето на секој човек, и во јадрото на секоја ѕвезда.“
– AL, II:6

Тој е според тоа твоето највнатрешно себство; тоа си ти, и никој друг, кој што е загубен во постојаниот занес од прегратките на Бесконечна Убавина. Малку понатаму Тој зборува за нас:

 „ Ние не сме за бедните и тажните: господарите на земјата се нашите роднини.
Зар Бог да живее во пес? Не, но највисоките се од нас. Тие ќе се радуваат, нашите избрани: кој тагува не е од нас.
Убавината и моќта, полетната смеа и пријатниот копнеж, силата и огнот, се од нас.“.
– AL, II:18-20

Потоа, во врска со смртта, Тој вели:

„Не мисли, о кралу, за таа лага: Дека Мораш Да Умреш: навистина ти нема да умреш, туку ќе живееш. Сега нека се разбере: Ако телото на Кралот се распадне, тој ќе остане во чиста екстаза засекогаш.“
– AL, II:21

Кога го знаеш ова, што останува освен задоволство? И како ние да живееме во меѓувреме?

„Тоа е лага, таа лудост против јаството.“ […] Биди силен, о човеку! страстен, уживај во сите сетилни и насладни нешта: не плаши се дека кој било Бог ќе се откаже од тебе заради тоа.“
AL, II:22

Повторно и повторно, во зборови како овие, Тој го гледа проширувањето и развивањето на душата преку радост.

Ете го Календарот на нашата Црква:

„Но вие, о мој народе, дигнете се и разбудете се!
Ритуалите нека бидат изведувани правилно со радост и убавина!”
– AL, II:34-35

Запаметете дека сите дела на љубов и задоволство се ритуали, мора да бидат ритуали.

“Постојат ритуали на елементите и прослави на времињата.
Прослава за првата ноќ на Пророкот и неговата Невеста.
Прослава за трите дена на пишувањето на Книгата на Законот.
Прослава за Тахути и детето на Пророкот – тајна, О Пророку!
Прослава за Врвниот Ритуал, и прослава за Рамноденицата на Боговите.
Прослава за оган и прослава за вода; прослава за живот и уште поголема прослава за смрт!
Прослава секој ден во вашите срца во радоста на мојот восхит!
Прослава секоја ноќ за Ну, и задоволство на крајниот занес!
Навистина! празнувајте! радувајте се! нема страв од сега натаму.
Разложувањето, и вечната екстаза се во бакнежите на Ну.“
– AL, II:36-44

Сè зависи од твоето сопствено прифаќање на овој нов закон, и не мора да веруваш во ништо, да прифаќаш низа од будалести сказни под интелектуалното нивно на Бушман и моралното ниво на уживателот на дроги. Се што мора да направиш е да бидеш она што си, да ја извршуваш својата волја, и да се радуваш.

„ Дали згреши? Дали ти е жал? Има ли страв во твоето срце?“
– AL, II:46

Тој вели повторно:

„ Каде што сум јас го нема тоа.“
– AL, II:47

Има многу од истиот вид; веќе доволно беше цитирано за да се биде јасно. Но следува дополнителна заповед:

„Мудроста вели: биди силен! Тогаш ќе можеш да поднесеш повеќе радост. Не биди животно; облагороди го својот восхит! Ако пиеш, пиј со осум и деведесет правила на вештината: ако љубиш, надмини со префинетост; и ако правиш нешто радосно, нека има суптилност во тоа!
Но, надмини! надмини!
Стреми се секогаш кон повеќе! и ако си навистина мој – а во тоа не се сомневај, и ако си секогаш радосен! – смртта е круна на се.“
– AL, II:70-72

Воздигнете се, мои браќа и сестри на земјата. Ставете ги под вашите нозе сите стравови, сите грижи, сите колебања! Воздигнете се! Дојдете, слободни и радосни, во ноќ и ден, да ја извршувате вашата волја; бидејќи

„Нема Закон над Прави што ти е волја.“
– AL, III:60

Воздигнете се!
Одете со нас во Светлина и Живот и Љубов и Слобода, уживајќи како Кралеви и Кралици во Небесата и на Земјата.

Сонцето е кренато; сеништето на вековите е во бегство.

„Зборот на гревот е Ограничување“
– AL, I:41

или како што е на друг начин кажано за овој текст: Тоа е Грев, да го држиш својот свет дух внатре!

Оди, оди во својата моќ; и нека никој не направи да се плашиш.

Љубовта е закон љубов под волја.

Превел: Fra. A.