Астрологија, Кабала, Раскази, Тарот, Телема, Философија

За бројот IX кој што е XI


Пропорциите се спасители на Светот.

Тие се оние мали оружја со кои малиот Човек, Кралот во Кралството, го зголемува знаењето во Непознатото, зголемувајќи ја Верата на оние кои ја бараат. Преку пропорциите може да спознае непознатото за Умот, колку и да изгледа далечно и недостижно.

Светот постои како мноштво на најразлични функции кои меѓусебно зависат една од друга, така што не може да се спознае првичната фунцкија која започнала да се менува. Безброј низи од настани, можности кои го прават светот толку конфузен и нерешлив. Но, сите фунцкии се зависни, поточно испреплетени меѓу себе. Се е поврзано во хаосот. Секој хаос е неразбрана Хиерархија, во која е изгубен привидно синџирот на управување. Пропорциите се тој синџир, направен од лилјани. Тие се невидливите нишки преку кои и неразумното во светот, има разумна основа.

Не сите се запознаени со математиката, универзалниот јазик во Универзумот, но да објасниме.

Пропорциите може да ги сметате исто како и коренспонденциите помеѓу две идеи. Поврзување на различни работи по некоја нишка по која тие две работи се надополнуваат. Повеќето прават грешка бидејќи сакаат Оганот да го израмнат со Водата. Но, Водата не е Оган и обратно. Водата го надополнува Огнот, исто како што Огнот ја надополнува Водата, за да го вртат тркалото на дејствување, на битисување.

За броевите знаеме дека

„Секој број е бесконечен, нема разлика“
Liber AL, I:4.

А сепак толку различни броеви. Па мора да има безброј броеви, кои ќе се сведат во сингуларитет. Зошто?

Имаме еден поим. Тој поим го објаснуваме со друг, кој го надополнува првиот поим. Вториот со трет, и се така додавајќи дрва на огнот. Така се развива светот. Така се еволуира. Природата не прави скокови. Ако ги прави се добива Револуција а не еволуција. Исто и броевите. Се што е еден, е и два, само што два содржи некои карактеристики за самата себе, можеби сеќавање како настанала од еден. Се што е два, е и три, кој пак исто така има некоја карактеристика која го надополнува. И се така до 9, кој е последен број кој има дополнителни карактеристики кои надополнуваат. Сите наредни броеви се комбинации на претходните десет броја. Различни комбинации на првите десет броја, даваат различни пропорции на добиените нови броеви. Броеви, кои се се што се цифрите кои ја прават комбинацијата, и се разбира модифицираната карактеристика на сите цифри.

Значи имаме на пример, бројот 123. Овој број може да се напише како 1 и 2 и 3. Бројот ќе ги содржи сите идеи за 1, 2 и 3, а комбинирајќи ги нив, добиваме уште една карактеристика за ново добиениот број. Ако го запишеме како 100+20+3 ќе добиеме уште бескрајно многу карактеристики. Ова е само еден мал пример за пропорции за Човек чиј дух не е привлечен кон математиката. Не треба да се прави догма од се она што ве фасцинира и ве прави малодушни пред Портата наречена незнаење. За се има Клуч.

Постојат одредени методи со кои без конфузија се добива објаснување и на најмистериозните тајни во Светот. Прво што треба да се научи е една многу едноставна шема од 32 променливи вредности, од кои 22 се букви од стар јазик, кои се всушност броеви, и 10 прости броеви кои се разликуваат меѓу себе само по додатните функции што ги носат, а сепак потекнуваат од Нула, која е Ништо (Ова Ништо е тешко да се објасни за оние кои не ја разбираат математиката. Зборовите се излишни). Потоа се учи еден од методите, и воила. Секако учењето да не се сведе во слепо верување. Ова е премногу лесен метод за учење после 7 инкарнации. Со секојдневна вежба, ќе бидете мајстори на веројатноста, услов за Успех во Утрешнината.

За 32 мистични променливи и нивните врски нема да зборувам, веќе премногу има напишано за нив, ќе треба мудро да пребарувате по каливите глупости што се пишуваат за свети работи. Ќе зборувам за броевите кои за мене имаат најмногу сличности меѓу себе. Но и исто толку збунувачки пропрции, кои се толку чудни, што тешко е да се одолее да не се падне во рацете на фасцинирањето. Ќе дадам мало објаснување за двата броја за кои го пишувам есејот, за да се добие некој увид во мојата намера да објаснам нешто што можеби му избегало на некој пред мене.

Да почнеме!

Најпрво ќе го разгледаме бројот 9 преку различните антички мистерии, од исток па се до запад. Целта е да се покаже поврзаноста на еден систем кој, иако изгледа толку различен сепак, е едно исто, иако се појавува во различни временски период ии различни места.

Знаеме дека мачката има девет животи. Знаеме дека има девет музи во грчката митологија, Лето девет дена и ноќи ги раѓала Аполон и Артемида ( за нив може да прочитате во „Грчка Митологија“ од Грејвс) , девет богови обожавале египјаните( за ова може да прочитате во книгите од египтологот Баџ) , познати како нутеру (Богови).

Нордискиот бог Один владеел над девет света, исто така висел девет дена на Дрвото на Светот (Игдрасил, Дрвото на Животот) за да ги дознае тајните мудрости на светот слично како Ату XII, карта од Тот Таротот наречена „Обесен Човек“ (за ова можете да видете во „Книгата на Тот – Египетски тарот“, новиот македонски превод на последната техничка книга напишана од Кроули која го разгледува Таротот како симбиоза на многу напредни окултни науки).

Градот Троја бил опседнат 9 години, а на Одисеј му требаа уште девет години за да стигне до неговата жена. Ацтеките, Маите опишуваат девет космички нивоа ( четири над земјата, четири под земјата и самата земја). Девет е бројот на патеки со кои најбрзо може да се измине Дрвото на Животот. Девет се Степените на Реализација и Тишина.

Агрипа (Four Books of Occult Philosophy) ги поврзува деветте музи од грчката митологија со девете свери на планетите и тоа:

  • Калиопа – Свера на првиот двигател (Primum Mobile) ;
  • Уранија – Свера на Ѕвезденото Небо (Мazlot);
  • Полимниа – Свера на Сатурн (Shabatai);
  • Терпсихора – Свера на Јупитер (Cedek);
  • Клео – Свера на Марс (Мadim) ;
  • Мелпомена – Свера на Сонцето (Shamash);
  • Ерато – Свера на Венера (Nogah);
  • Еутерпе – Свера на Меркур (Кokab);
  • Талиа – Свера на Месечината (Lebanah);

Абрахам бил 99 години кога Бог му проговорил. Исламот признава 99 Имиња на Бог.
Тарот карта со број IX е Пустиник припишана на хебрејската буква Јод чија бројна вредност е 10 поврзана со тајните на многу мистерии. Деветата сефира за неиницираните е Јесод или Темел, препишана на Месечината, на нашето несвесно, или буквата Коф чија вредност е 100 , која го означува темето кај човекот во некои алхемиски и кабалистички книги . Инаку е втора сефира која е Мудрост, а е кажано: Мудроста започнува со страв од Бог. А поголем страв од Непознатото мислам дека нема.

Кажавме после девет сите броеви се повторуваат .

Има премногу вакви информации. Но сигурно се прашувате: што ако имало девет богови, девет музи итн итн…
Па Ништо, и Се.
Па нели девет месеци Жената го носи детето во утробата? Девет месеци се кови во Вода и Оган новиот Живот. Голема работа, нели? Кога ќе научите нештото и ќе го правите, се губи мистеријата и Големата Работа. Едноставно тоа станува дел од вас самите…

Сега малку математика. Знаете дека секој број кој е помножен со 9 дава број чии цифри ако се соберат се добива збир еднаков на 9?

Сакате примери? Еве неколку:

23*9=207=2+0+7=9
34*9=306=3+0+6=9
12*9=108=1+0+8=9
2344*9=21096=2+1+0+9+6=18=9
62456*9= 562104=18=9
46*9=414=9
38*9=342=9
2356*9= 21204=9
666*9=5994=27=9
777*9=6993=27=9
111*9=999=27=9
31*9=1179=18=9
156*9=1404=9
56*9=504=9

Мислам дека доволни се овие примери. Исто така знаете дека девет римски е IX. Ако огледално го глеаме бројот се добива XI. Напишано е некаде дека два настанал со просто копирање на Еден. Двојноста во Универзумот. Карактеристично за овие два броја, 9 и 11 е тоа што секој број поделен со 11 дава реален број, чиј децимален дел е бесконечна низа од 2 броја чиј збир е 9.

1/11 = 0,090909090909090909090909090909091
6/11 = 0,18181818181818181818181818181818
111/11=10,090909090909090909090909090909
56/11 =5,0909090909090909090909090909091
156/11 = 14,181818181818181818181818181818
216/11 =19,636363636363636363636363636364
333/11 =30,272727272727272727272727272727
666/11 = 60,545454545454545454545454545455
777/11 = 70,636363636363636363636363636364

итн. итн. …

Исто така, внатрешните агли на пентагон се 108 степени. Знаете веќе, 1+8=9. Во пентагон може слободно да се нацрта петокрака звезда или пентаграм. Многу лош знак е тоа, исто колку и крстот чиј број е 4.

Аголот на краците на пентаграмот при врвот е 72 степена а при основата двата агла се по 54 степени(нели збирот на внатрешните агли кај триаголник е 180 степени).

Математика ли е, што ли е!?
Кабала е.

*        *       *

На крајот, кога ќе го разгледате целиов есеј, сигурно ќе ве потсети на филмот „Бројот 23“.
Ама не плашете се воопшто. До сега не сум убил никој ниту пак мојата природа и животен пат ме води кон тоа.
Сепак се држам до зборовите на Вилијам Блејк: Се што живее е свето! 

Едно нешто само сакам да се обидам да убијам со овој есеј:

 Да ја убијам мојата досада која ужасно ме заморува!