Телема, Философија

Што е Телемата?


Стојам на ставот дека Телема е пред се и над се формула на духовен развој која е најприлагодена за нашите културни и историски околности. Таа вклучува философија која е проникната со супра-рационални искуства; дава основа за свето почитување кое ги синкретизира најдобрите елементи од таканаречените “светски религии”. Според мене, Телема е похристијанска од христијанството и посатанистичка од сатанизмот.

Пророчкиот статус на Алистер Кроули е интегрално обележје на Телема и немам намера да го “спасувам” телемитското движење од неговата основачка фигура, или да одам “надвор од” неговото влијание.

“Благослов и обожување за Пророкот на милата ѕвезда!”
– Книга на Законот

Истовремено, доблестите на Пророкот ги вклучуваат и неговите очигледни недостатоци: тој бил бог на ист начин како што секој човек може да биде. Телема исто така има литературни и философски претходници во делата на такви фигури како што се Августин од Хипо, Франческо Колона, Франсоа Рабле, Сер Франсис Дашвуд, Фридрих Ниче и Ана Кингсфорд; Телемитите може да стекнат придобивки од разгледувањето на овие поранешни нивоа.

Бидејќи Телема го инволвира иницијаторниот напредок на индивидуата преку задачи на духовно достигнување, постојат нужни разлики помеѓу егзотеричното толкување на неупатените и почетните аспиранти од една страна и езотеричните перспективи кои произлегуваат од иницијаторното искуство од друга. Како и да е, подготвен сум да дадам една кратка листа на учења кои ги сметам за неотуѓиви во Телемата, кои служат за да ја направат посебна во смисла на религиозно-философски матрикс. Прво од нив е важноста на самата иницијација.

Кроули се осврнал на најважниот иницијаторен настан како “Знаење и Разговор со Светиот Ангел Чувар,” (Holy Guardian Angel) и го идентификувал како “Следен Чекор” за човештвото. Ова достигнување вклучува еден ентитет кој се смета единствен за секоја индивидуа – “личниот гениј,” еден дух кој го содржи фундаменталниот карактер или Вистинска Волја на индивидуата. Техничката фраза “Знаење и Разговор” е збунувачки превод и често погрешно се разбира. Латинскиот збор conversatio не означува дијалог или дискусија, туку поправо еден “начин на живот,” поврзан особено со религиозните редови и монашките завети. Достигнувањето на “Знаење и Разговор” оттука не е само средба со “Богот на нечиј личен универзум,” туку всушност откривање и конвертирање кон идиосинкратските шаблони на обожување соодветни за тоа битие кое е поставено над највисоката лична судбина на аспирантот.

Второ клучно доктринарно обележје на Телема е глобалниот синкретизам. Во таа смисла, ние се потпираме на една долга традиција која се навраќа на класичната Херметичка фузија на Грчка и Египетска мудрост, Розенкројцерскиот идеал за Општа Реформација и обединување на Исламот и Христијанството, и напорите на Теософското Друштво да го воведе Будизмот и другите Азиски традиции во Европскиот окултизам. “Сите зборови се свети и сите пророци вистинити, освен што тие разбираат малку.” Таквиот синкретизам не е обичен еклектизам поттикнат од површни вкусови и апетити на поединци и локални групи. Материјалите примени од порано мора да бидат проверени и интегрирани во јадрениот симболизам и учењата на Телема. Космополитиските и дијалектичките квалитети на Телема се во склад со оние школи кои ја нагласуваат “чистотата” или примордијалната автентичност на нивните учења.

Зборувајќи за дијалектика, клучниот елемент на Телема е нејзиниот свет мета-наратив на човечката историја, преку симболичната прецесија на Еквиноксите. Според нашето учење, сегашната светска ера или Еон (Aeon) започнала во 1904 и се уште наполно се манифестира. Оттука ние сме пост-апокалиптични во нашите гледишта, сметајќи дека стариот поредок бил уништен со оган пред еден век, и дека е наша одговорност да го манифестираме Еонот на Крунисаното и Освојувачко Дете, во кој Законот на Телема е принцип и план. Нашето гледиште е дека историјата не е ниту дегенерација од првобитниот рај, ниту напредок кон статично совршенство на Новиот Ерусалим. Ние го потврдуваме постоењето на промена во доволно длабоки нивоа за да ја засегнат духовната состојба на човештвото како целина.

Без да тврдам дека сум ги исцрпил најважните компоненти од Телемитската доктрина, последно што сакам да нагласам е идејата за Магика. Наспроти повеќето современи философски или религиозни системи, Телема ја потврдува позитивната вредност на Магиката како таква. Кроулиевата дефиниција на Магика како “Уметност и наука за предизвикување промени во склад со волја,” ја потпира на волјата, односно на Телема, што е “волја” на грчки. Августиновската психологија ја означила волјата како една од трите фундаментални моќи на душата и ја поистоветила со желбата. Теориите на Кроули исто така ја нагласуваат улогата на “магичка врска,”(magickal link) еден концепт кој за прв пат се појавува во делото на ренесансниот маченик Џордано Бруно, кој ја потцртал еротската основа на магичките сили. Оттука Телема ја унапредува примарната вредност на дисциплинираната желба и – на некој начин – еротската основа за целата човечка активност и постигнувања.

Автор на есејот: T. Polyphilus

Преземен превод од Philem0n’s Blog

1 thoughts on “Што е Телемата?”

Коментарите се затворени.