Телема, Философија

Препород на Магиката – За Телема


Универзумот е исполнување и вкупен збир на сите можности. Навистина може да се каже дека тоа е така по дефиниција.

Свесното суштество, т.е. еден индивидуален центар на свесност, Монада – неможе да поседува квалитети по себе. Нејзината идеја за постоењето не само на Универзумот туку и на самата себе очигледно зависи и се совпаѓа со оние серии на можности кои таа самата ги има искусено. Оној дел од Универзумот, кој сеуште не влегол во сферата на нејзиното искуство за неа не постои. Тоа е како нов свет – универзум кој чека да биде откриен.

Секое свесно суштество оттука мора да се разликува од секое друго поради својата положба во универзумот, но не изразена во должина и ширина, ниту пак во време и простор, туку повеќе преку степенот или состојбата на свесност, или точката на гледање. Неговиот идентитет, исто така, нужно мора да биде чиста негација.

Вредноста на секое суштество се одредува преку квантитетот и квалитетот на оние делови од универзумот, кои ги има откриено и кои оттука ја сочинуваат неговата сфера на искуство. Таа расте преку проширувањето на ова искуство, по пат на зголемување на оваа сфера. Во случајот на две суштества кои поседуваат мало или никакво заедничко искуство, взаемното разбирање очигледно е невозможно.

Оттука се гледа дека симпатијата е повеќе прашање на искуство кое приближно се совпаѓа, или барем коинцидира со поголемиот дел од искуствата кои имаат посебна вредност за двете единки.

Вистинската вредност на секое ново искуство се одредува преку неговата погодност за зголемување на вкупниот збир од знаењето или преку степенот на разбирање и просветлување кое тоа го фрла врз предходните искуства.

Како општо правило, значи колку е поголем збирот на истовремени искуства на кои било две суштества, поголема е веројатноста за нивно општо согласување.

Оттука, во одреден момент од развојот многу веројатно е дека едно суштество ќе го разгледува секое несогласување со себе како дефинитивна грешка, а тоа е крајно важен стадиум во напредокот да се заземе навикнат став на умот кој сфаќа дека секое различно гледиште на дадено прашање не се должи на морално застранување, туку на поголема разновидност од усвојливи искуства. Таквите личности растат на многу посебен начин кога ќе научат да ги пречекуваат различните гледишта и спротивставени искуства и кога ќе бараат да ги асимилираат, разбирајќи дека ова е најдобриот можен начин со еден удар да се стекнат многу нови искуства наместо да се поминува детално низ нив. 

Извадок од книгата: “Препород на Магиката”
Алистер Кроули