Суфизам, Телема, Философија

אראריתא – Едноста преку неколку суфи размисли


rumiНеколку размисли од познати суфи-мистици за Едноста на Универзумот и Едната Суштина! Суфиски толкувања на прастарата формула позната како ARARITA или  אראריתא што е нотарикон од реченицата на еврејски „Еден е Неговиот Почеток. Една е Неговата Индивидуалност. Неговата Пермутација е Еден.(1) 

Ова е магиска формула која ги обединува спротивните идеи кои се раѓаат во умот во една Точка избегнувајќи ги стапиците на Руах!

Размислував за називите на верите, трудејќи се да ги сфатам, и сега ги сметам за еден единствен Принцип со повеќе разгранувања.

Не барај, значи, од човекот да прифаќа некаков верски назив, бидејќи тоа ќе го оддалечи од фундаменталниот Принцип, а секако тој треба да дојде, тој Принцип да го пронајде, Оној во кој се расветлуваат сите величини и сите значења; и тогаш човекот ќе сфати.

ал-Халаџ

Постојат многу патишта по кои се трага, но потрагата е секогаш иста. Зарем не гледаш дека патиштата што водат до Мека се различни, со тоа што едниот доаѓа од Византија, другиот од Сирија, а други пак минувајќи преку копното и морето? Оттука. раздалеченоста на овие патишта што треба да се минат е секојпат различна; но, кога ќе стигнат до целта, расправиите, кавгите и несогласувањата исчезнуваат, бидејќи срцата се спојуваат…
Оној полет на срцето не е ниту верата, ниту неверството, туку љубовта.(2)

Руми

Оној што е врзан само за една посебна вера, да, е неук (за тоа која вистина се крие во другите верувања), со самото тоа што неговото верување во Бог содржи одрекнување на другите облици на верување. Ако ја знаел смислата на изреката на Џунајд: „Бојата на водата е бојата на нејзиниот сад“, би прифатил дека сите верувања се добри и би го препознал Бог во секој облик и во секој предмет на вера.

А тој мисли поинаку затоа што нема сознание (за Бог), туку се базира единствено на мислењето за кое говори  божјата изрека „Се сообразувам со мислењето што Мојот слуга го има за Мене“, што значи: Јас Му се прикажувам на Мојот обожувач во обликот на неговото верување; значи, нека генерализира, или пак, нека детерминира. Божеството согласно со верувањето е она што може да биде дефинирано, и токму Тоа е оној Бог кое срцето може да го содржи (согласно божјата изрека: „Ни Моите небеса, ни Мојата Земја не можат да ме содржат, ами Ме содржи срцето на Мојот верен слуга“). Бидејќи асполутното божество  не може да биде содржано во ниту едно нешто, бидејќи Тоа е самата суштина на нештата и Неговата сопствена суштина“.

Ибн ал-Араби

И тука би го додал познатиот стих од „Книгата на Рамнотежа“ или Liber Librae:

„Во вистинската религија нема секти затоа пази да не го колнеш името под кое другите го знаат својот Бог; зошто ако го правиш тоа на Јупитер, ти ќе го колнеш יהוה во Озирис יהשוה. Прашај и ќе имаш! Барај и ќе најдеш! Тропни и ќе ти се отвори!“

Исто и во „Законот е за Сите“ читаме:

Сепак, поентата во овој стих(Liber AL, II:72) е дека смртта е “круна” на сe. Круната е Кетер, Единство; “љубов под волја”, која е применета на сите Нуит-можности, на сите Ку-енергии, на секоја Хадит-средишна-Ѕвезда, така што секоја Ѕвезда совршено се исцрпела самата себе, завршувајќи една етапа од својот развој. Затоа, таа е крунисана со смрт; и бидејќи е целосна сама по себе, таа живее повторно привлекувајќи еднаков и спротивен Парник со кого “љубов под волја” е исполнување на Законот во повозвишена сфера.

Во „Препород на Магиката“ е запишано:

Мистицизмот навистина е многу едноставен. Тоа е само состојба на умот во која сите феномени се разгледуваат како чиста илузија. Единствената реалност е онаа што од страна на еден мистик се нарекува плерома, од друг Ишвара или Парабрахман, или пуруша, од страна на трет Бог, на четврт, Чиста Душа, од петти, Битие или Апсолут – и така натаму, повеќе или помалку неопределено.
Мистицизмот не е верување. Тоа е прашање на директно искуство кое произлегува од внатрешната илуминација и кое повремено – иако не често – се побудува спонтано. Почесто резултира од упорноста во одредени религиозни пракси, како што е да речеме медитацијата.
Мистицизмот е потполно иднивидувална работа, така што мистиците ретко формираат секти, и ако го направат тоа, тие секти никогаш не се успешни.

Во „Книгата на Законот“ (Liber AL, III:37), читаме:

Единство потполно искажано!
Ја обожувам моќта на твојот здив,
Врховен и страшен Богу,
Кој чиниш боговите и смртта
Да треперат пред Тебе:
Јас, јас те обожувам!

Појави се на тронот на Ра!
Отвори ги патеките на Ку!
Осветли ги патеките на Ка!
Патеките на Кабс проаѓаат
Да ме вознемират или смират!
Аум! нека тоа ме убие!

Кој лудак и верски фанатик кој ја спознал божествената Едност, Монада или како сакате наречете ја, еврејската Нула, Ништожество – смее да викне на сет глас: ВИЕ СТЕ НЕВЕРНИЦИ?

Не следете ги тие кои зборуваат и не ви ги разбираат верувањата! НЕ следете ги оние кои повикуваат на раздвојување на Човештвото! Бидејќи запишано е во „Книгата на Мудроста или Лудоста“:

Знај дека култот на ропските богови е изум на овие Црни Браќа. Се што стагнира потекнува од тоа, а одтаму не произлегува стабилност, туку распаѓање.

И не заборавајате:

ЧОВЕШТВОТО ПРЕД СЕ!


1. LIBER DCCCXIII vel ARARITA svb figura DLXX, Публикација во класа A, А.’.A.’.

2. „Љубов е законот, љубов под волја“ – Книга на Законот (Liber AL vel Legis)

 

Advertisements