Кабала, Магика, Тарот, Телема, Философија

За Змијата


serpent-red

Ова е Змијата која го иницираше Човештвото, наречена од неиницираните зло и погрешно знаење, ова е „Змијата како последното просветлување“ возможно во стариот еон, а од големите иницијанти наречена и зло, бидејќи многумина нема да ја разберат Змијата и нејзиното движење низ еоните. Змијата на Мудроста ги следи патеките од Тав(תו) па до Алеф (אלף) каде што завршува нејзината глава.

Во стариот еон, врвот на постигнување беше во Тифарет – или Убавина, средиштето на Дрвото на Животот. Таму беше „гробот“ на мистичниот Розенкројцер кој ги пренесе големите тајни да бидат предавани до денешно време, скриени во христијанскиот мистицизам. Тифарет беше Синот, најголемото постигнуавње кое што можеше да се добие од највисоките три сефироти кои христијанските мистици ги препознаа како Татко, Син и Светиот дух.
Нема ништо погрешно во ова. Иницијацијата се менува во однос на човештвото. Сега е ново време, нови искушенија, нова иницијација – која еден ден ќе мора исто така да помине, друг бог да седне на тронот на Истокот!

Од Тифарет секој поглед упатен нагоре дозволувал(за некои и сеуште погледот завршува тука) да се види само последната патека пред големата Бездна, патеката која ги поврзува сефиротите Милост и Строгост (Гебура и Чесед). Таа патека создаваше илузија дека над сето тоа или позади нејзе не постои ништо освен хаос. Не постои можност да се има директно искуство со божественото. Змијата на Иницијацијата чудно завршуваше до прагот на Бездната. 

Да, постои хаос во негативна смисла, кој што не иницира, кој што носи забуна, измешани мисли и дела, но само ако го прифатите тоа како знаење или разбирање, ако дозволите неистренираниот ум да ги премерува работите и да одлучува што е вистина, а што не.
Има голема разлика од Хаос кој што се наоѓа во Кредото од Liber XV или Гностичката Миса на Е.Г.Ц. (Гностичка Католичка Црква) – бидејќи таму убаво е дадено дека овој Хаос е Тајна над Тајните, единствен намесник од Сонцето на Земјата. 

Бездната е местото каде што бдее Големиот Демон Хоронзон чиј единствен Говор и Знаење е бесконечното зборување, непрекинатото дрдорење, лага која се обидува да го зароби умот во бесконечни полемики и прашања!
Овој демон на халуцинациите и големото искушение ќе го најдете во Liber CDXVIII – Визијата и Гласот на ангелите од 30те Етири, во кои е дадена иницијацијата, искушението и поминувањето на Бездната во новиот еон.

Не постои минување на Бездната пред Еонот на Детето, чиј збор е АБРАХАДАБРА, што го означува Големото Дело постигнато.

Името на таа патека која стои пред Бездната во хебрејскиот мистицизам е Тет (ט) и значи Змија. Тоа е последната и единствена патека која се гледа пред Бездната , местото на лажната Еманација – Да’ат која профаните ја гледаат преку таа патека и ја нарекуваат „Знаење“. Оваа патека е поврзана со знакот Лав, а во Тот таротот со картата Страст, Ату XI. На оваа карта се дадени Скерлетната Жена која го јава Големиот Ѕвер – Бабалон и Терион во eдно. 

Ова „Знаење“ под Бездната е труло и непотребно за надминување! Знаење без да се постигне Разбирање, а со тоа и Мудрост е лудост! Ова е тоа знаење кое се добива само од книгите, со читање. Збирштина од информации.
Ова е половина од патеката која се минува.

Не велиме да не се проучуваат системите, да не се учат хиероглифите на Мајсторите – но голема замка е ако врвот е тоа – собирање информации кои никаде не може да ги употребите бидејќи или имате страв од Змијата и Лавот кои стојат како херувими пред Бездната или сте мрзливи.

Искуството кое што не дозволува да се надминува, да се напредува, не може да Ве турне во Бездната за да се ослободите од премрежјата на разумот, а со тоа не може ниту да стигнете до Бина (чие име е Разбирање во херметиката), а уште помалку да се сонува да се постигне Хокма (чие име е Мудрост или лудост, ова содржи одредена тајна мистерија) и да сте на еден чекор од Круната или Кетер. 
Она што недостасува е Љубовта, за да се скокне понатаму – без да се пресметува ризикот. Многу е дадено за ова во Телемитските текстови.

Внимавајте на Патот на Змијата, о вие, Иницирани! Клучот е секогаш пред Вашите очи! Барајте вие кои не сте иницирани и сте слушнале за Патот на Змијата, бидејќи кој тропне, ќе му се отвори.

Мора да се надминува, така вели и нашата света книга Liber AL vel Legis!

Како што е запишано и во еден друг есеј:

„Мора да се надминуваат „духовни пречки кои го примаат своето постоење од Бог само на надворешен, наместо внатрешен начин.“
За Клифотот