Кабала, Магика, Телема

Liber Nix Candida ad Via Serpentis


Сите права на текстот ги задржува О.Т.О. Македонија

Прави што ти е Волја и тоа нека биде целиот Закон

I. Дрвото на Животот

Во целиот Универзум, постои Закон на Хиерархија по кој се водат сите, од најголемите, па до најмалите учесници во овој бесконечен космички танц.

Ние сме запознаени со систем, кој дава флексибилна слика на таа Хиерархија, без да се почуствува ни најмало омаловажување за моменталната наша состојба во таа космичка Хиерархија. Овој систем, изграден врз научна основа, ни дава слика не само на природните закони, туку заради својата бесконечност дава верна слика на Божествениот план кој владее со 10 000 светови.

За да полесно го разбереме овој систем, а и за да може да ја објасниме нашата сказна, ќе прибегнеме кон една од нашите свети книги, која на практичарот му дава клуч кон Божественото.

Оваа книга иако сепак не можеме да кажеме дека е завршена, бидејќи Дрвото на Животот нема крај, како што и Животот нема крај, ги содржи сите потребни информации за да се започне долго очекуваното патување по Патот на Аџијата.

*       *       *

Дрвото на Животот е сликовита престава на сите сили, мисли, дејства кои се протегаат од Најсуптилното, па до најматеријалното во Универзумот. Тоа преставува универзална слика на се што е и се што може да биде. Кинетичка и Потенцијална енергија поставени во една линија, создавајќи така еден вртлог од бесконечни идеи и дејствија.

Дрвото е составено од еманации(сефирот) – Резервоари на Идеи и Патеки кои ги поврзуваат овие резервоари на дејствија и идеи. Еманации се десет(од највисокиот кон најнискиот) и тоа :
Кетер, Хокма, Бина, Чесед, Гебура, Тифарет, Неца, Ход, Јесод и Малкут.

Дрво на Животот
Дрво на Животот

Патеки кои ги поврзуваат се:

  • Помеѓу Кетер и Хокма е алеф,
  • помеѓу Кетер и Бина е бет,
  • помеѓу Кетер и Тифарет е гимел.
  • Помеѓу Хокма и Бина е далет,
  • помеѓу Хокма и Хесед е вав,
  • помеѓу Хокма и Тифарет е хе.
  • Помеѓу Бина и Гебура е чет,
  • помеѓу Бина и Тифарет е заин.
  • Помеѓу Хесед и Гебура е тет,
  • помеѓу Хесед и Тифарет е јуд,
  • помеѓу Хесед и Неца е коф.
  • Помеѓу Гебура и Тифарет е ламед,
  • помеѓу Гебура и Ход е мем.
  • Помеѓу Тифарет и Неца е нун,
  • помеѓу Тифарет и Ход е аин,
  • помеѓу Тифарет и Јесод е самек.
  • Помеѓу Неца и Ход е пе,
  • помеѓу Неца и Јесод е цади,
  • помеѓу Неца и Малкут е каф.
  • Помеѓу Ход и Јесод е реш,
  • помеѓу Ход и Малкут е шин.
  • Помеѓу Јесод и Малкут е тав.

Вкупно 22 патеки кои заедно со десетте еманации го даваат бројо 32.

Целото Дрво, за да полесно се класифицираат работите е поделено на групи. Според светата кабала, Дрвото на Животот е поделено на четири светови, кои се поврзани со четирите елементи (оган , вода, воздух и земја), кои се поврзани со Тетраграматонот, или Четириделното име на Бога.

Дрвото на Животот исто така е поделено на Седум Палати, Пет дела на Душата, Три Столба, на три тријади итн итн., но ние најмногу ќе се задржиме на четириделната поделба од Највисокото кон најниското (ако постои) на ова Дрво на Животот.

За нашето истражување, ќе ни биде потребна оваа четириделна поделба на Дрвото на Животот. Според адептите кои практикувале кабала, Дрвото е поделено на следниве светови:

  1. Ацилут е Архетипски свет (или Јуд-Оган од Четириделното име)
    – Кој го содржи Хокма (Мудрост)
  2. Бриа е Креативниот свет (или првото Хе-Вода од Четириделното име)
    – Кој го содржи Бина (Разбирање)
  3. Јетцира е Формативниот свет (или Вав-Воздух од Четириделното име)
    – Кој ги содржи Хесед (Милост), Гебура(Сила), Тифарет (Убавина), Неца (Победа), Ход (Сјај) и Јесод (Темел)
  4. Ашиjа е Материјалниот свет (или крајното Хе-Земја од Четириделното име)
    – Кој го содржи Малкут (Кралство)

Помеѓу Бриах и Јетцира постои Бездна, каде што не постојат патеки ниту начини кои би се објасниле со соодветни симболи. Тоа е местото на Хоронзон, на бесконечниот хаос на форми и идеи кои неиницираните ги знаат како Знаење.

Четириделното име или Тетраграматон е составен од Јуд, Хе, Вав и Хе, кои го даваат Името на Бог чија вредност е 26. Јуд е Таткото, Хе е Мајката, Вав е Синот и Хе е Ќерката.

Оваа формула е стара колку што е стара и потребата на човекот да основа семејство, од кога човекот е запознаен со Хиерархијата на Универзумот. Оваа формула се протега низ сите култури, пренесувана внимателно преку параболи и приказни од страна на адепти запознаени со Моќтта на оваа формула на Хиерархија.

II. Nix Candida ad Via Serpentis

Една од тие приказни разскажувана од иницираните за да не се заборави Вистината е и приказната за Снежана и Седумте џуџиња. Преку симболи е зачувана формулата за да ги надмине вековите на мракот кои ја попаднаа Европа во тие времиња. Преку детска приказна, е зачувана Хиерархијата која денес можеме ние слободно да ја практикуваме.

Да се потсетиме накратко на приказната:
Снежана е преубава принцеза, чија Маќеа е Кралица, која заповеда на Ловецот да замине со принцезата во далечна шума и да ја убие. Како доказ за Убиството бара Ловецот, да и го донесе Срцето на Снежана во Кофчеже. Сепак, Ловецот и се Смилува на Снежана и ја пушта слободно да продолжи низ Шумата, а тој и носи на Кралицата срце од свиња. Снежана додека талка низ Шумата, наоѓа Куќа во која живеат Седумте џуџиња кои ќе ја чуваат.

Понатаму, приказната продолжува како Кралицата дознава преку Тајни методи (огледалото се користи при многу методи на дивинација и предизвикување визии) дека Снежана е жива и ќе сака да ја убие. Маќеата презема форма на Стара баба (Една од формите на триделната божица што ја славеле Грците во своите мистерии, во овој случај Мрачното море на Бина) за да ја прелаже Снежана, давајќи и јаболко, кое Снежана како чиста душа, не се сомнева и со едно грзинување умира.

На крајот на приказната е и принцот кој носејќи ја на својот коњ мртва, таа успева да го поврати парчето јаболко кое сепак застанало во грлото, а не и ја отруло крвта. И така живееле засекогаш среќно.

*       *       *

Сега ќе ја разгледаме приказната преку Дрвото на Животот и формулата на Четириделното име.

Снежана е последното Хе од Четириделното име. Таа е Snow-White, невина, неизвалкана душа, која само што влегува во светот, Кралството.

Ловецот е Вав. Тој е оној кој што има Сила (Гебура) да ја убие Снежана, но има и Милост (Хесед), кој тој ги урамнотежува преку Змијата (тет) која е Знаење.

Кралицата е првото Хе од Тетраграматонот. Таа е Мрачното Море на Бина, таа го држи местото на кое Ќерката, првото Хе од Тетраграматонот, преку Синот (Вав) треба да се искачи на местото на Мајката (Кралицата-Првото Хе) за да го смени Таткото или Јуд од тетраграматонот.

Принцот кој што се појавува и конечно ја спасува Снежана од Кралицата е идниот Татко, Јуд од Тетраграматонот. Отровното Јаболко е додадено од христијанските адепти како симбол од Стариот Завет кога змијата го дава Јаболкото на Ева (Човештвото). Снежана (Ќерката, крајното Хе) мораше да ја помине смртта за да се иницира во Животот и да премине преку Бездната (Шумата) со помош на Седумте Џуџиња, или атрибуциите на седумте свети Планети.

Имињата на џуџињата во оригиналната верзија на приказната не постојат. Но по атрибуциите може да се каже дека Сречко, најмногу одговара на Јупитер, Лутко можеби на Сатурн, Срамежливко можеби е Венера. Ова ќе го оставиме на аспирантите сами да го проучат.

Ловецот, кој ја носи кон Шумата(Бездната), каде што треба да се изврши убиството, е Руах (Интелектот), тој е Формативниот свет (Јетцира или Вав). Тој треба да го извади срцето на Снежана како доказ за Убиството. Зарем не е Тифарет сместен во реонот над Plexus Solaris или сончевиот сплет? Нели е тоа местото на срцевата чакра?
Во Ритуалот Adeptus Minor на Златна Зора може да добиете одредени информации за ова.

Во овој свет (Јетцира) се седумте свети Планети: Сатурн, Јупитер, Марс, Сонце, Венера, Меркур и Месечина. Преку запознавање со атрибутите и влијанијата на овие седум Планети или џуџиња, Снежана или Ќерката е подготвена да ја помине Бездната и Смртта и да ја замени Маќеата-Кралица, првото Хе од Тетраграматонот.

Јуд или Принцот е причинско-последичен настан. Тој е крајната формула, за која не може да се каже ништо бидејќи неговото место е во Хокма, кој иако го броиме како два, тој е сепак Еден, и е Таткото, како што се вели во една од нашите свети книги, Разбудениот Свет.

Интересен детал во оваа приказна е тоа што, Јаболкото, поточно парчето јаболко, не стигнува да го загади целото тело(крвта) на Снежана. Тоа е застанато во грлото. Грлото е местото на Даат, лажната сефира наречена Знаење. Тоа е местото на Вишуда-Чакра веднаш над срцевата чакра. Наместо да се затруе астралниот свет на Снежана, самото Срце, кое е центар на Руах, таа го задржува во грлото, задушувајќи се. Спречена да земе Воздух (Вав од Четириделното име, Интелект, Руах), умира, и така подготвена, тргнува на неизвесен пат преку Бездната, местото на лажната сефира Даат, и демонот Хоронзон.

Карактеристично во приказната исто така е тоа што, Снежана, е оставена сама на себе при овој свет чин на Умирање. Го нема Убавиот Принц, го нема ниту милостивиот Страшен Ловец, ги нема ни Седумте Џуџиња кога Снежана е искушувана од Маќеата-Кралица со Јаболко. Таа е заборавена од сите, навидум. Но природата не прави скокови, какo и светлината.

Снежана можеби извикнала во ова последно искушение: Елои Елои лама сабатхани кон својот Свет Ангел Чувар, кој ја носел целиот пат кон крајот, пред да започне минувањето на Бездната на Хоронзон? Но, тоа ќе го оставиме недопрено и неизвалкано, бидејќи тоа се големи и свети мистерии на Редот на Источниот Храм.

Љубовта е закон, љубов под волја.

Fra. A.


  1. За патеките на Дрвото на Животот
  2. За патеките во материјалниот свет
  3. За Сефиротите на Дрвото на Животот
  4. За атрибуциите на Дрвото на Животот

1 thoughts on “Liber Nix Candida ad Via Serpentis”

Коментарите се затворени.